Министерот за култура Хусни Исмаили го разреши директорот на Музејот на Северна Македонија Гордан Николов, потврдија за САКАМДАЖАМ.МК од Министерството.
„Директорот Гордан Николов е разрешен поради утврдена работа спротивна на Законот за култура и на Законот за музеите, како и на Статутот на установата, а по извршен вонреден инспекциски надзор од овластени инспектори за културата“, велат од кабинетот на министерот Исмаили.
Министерството вели дека вршител на должноста директор ќе биде назначен во најкус можен рок, „со што Министерството за култура ќе направи се’ што е во своја надлежност НУ Музеј на Северна Македонија да продолжи непречено да ја извршува својата функција“.
Потоа, во законскиот рок најдоцна од 6 месеци, ќе биде распишан јавен оглас за избор на директор на установата со редовен мандат од 4 години.
Николов е виш-кустос етнолог кој во 2017 стана директор на Музејот, со одлука на тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски. По стапувањето на функцијата, Николов проговори во јавноста за катастрофалната состојба која ја затекнал во Музејот.
Музејот беше еден од поплавените институции кога во ноември 2017 имаше обични дождови, а Министерството тогаш најави санација на објектите.
Б. НЕСТОРОСКА