Општина Куманово бара од Министерството за здравство да ја гасифицира Општата болница Куманово, чиј систем за греење на мазут беше причината за енормното загадување на воздухот во Куманово викендов. Болницата има изготвено проект за гасификација уште пред две години и за негова реализација потребни се 200.000 евра, а институцијата нема начин да ги обезбеди сама, затоа очекува помош од централната и локалната власт.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, тврди дека тие се подготвени преку ЈП „Куманово-гас“, да извршат приклучување на болницата на гасоводната мрежа, но дека целиот процес го кочи Министерството за здравство, кое не обезбедило пари болницата да инсталира нов систем за греење на гас.
Министерот за здравство Венко Филипче уште во ноември минатата година дека Кумановската болница е приоритет и со новиот буџет во 2019 година ќе добие средства од посебен фонд за да се гасифицира, поради нејзината важност од еколошки и економски аспект.
„Гасоводот во Куманово веќе е стигнат до болницата и тој проект може најбрзо да се реализира во целата држава. Свесни сме за важноста на гасификацијата, како во однос на загадувањето така и во економичноста на работењето на Кумановската болница“, – изјави министерот Филипче, при тогашната посета на болницата.
До Министерството за здравство испративме прашања уште пред еден месец, зошто не се издвоени пари за гасификација на Кумановската болница, но не добивме одговор.
Годишно за греење таа троши околу 50.000 евра, бидејќи се затоплува површина од 4.500 метри квадратни во повеќе објекти. Инвестицијата би се вратила за 4 години, а останатите придобивки би биле далекосежни.
Сега остануваат проблемите на стариот систем за загревање, поради што голем дел од топлинската енергија не е искористена, па просториите се догреваат на греалки или клима уреди, што создава дополнителни трошоци на електрична енергија. Речиси секоја зима пациентите се жалат на ладни радијатори, а надлежните тврдат дека греењето работи.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Куманово го потсетија министерот за минатогодишното ветување.
„Заборавија на ветувањето за чист воздух и гасификацијата, и после три години власт во Куманово ниту една државна институција не е гасифицирана, а пред сѐ болницата која токму од градоначалникот Димитриевски беше посочувана како еден од најголемите загадувачи. Ветувањето од министерот за здравство беше уште пред една година, но денес гледаме дека ништо не е направено, а Болницата набави мазут за греење и за оваа сезона“, изјави Бране Петрушевски, претседател на општинскиот комитет на партијата.
Владата пред еден месец одобри 5 милиони денари за гасификација на болницата во Струмица, па кумановци очекуваат истото да го стори и за најголемата здравствена институција во Североисточниот регион која покрива околу 200.000 пациенти или 10 отсто од вкупната популација во Македонија. Тоа беше едно од главните ветувања на премиерот и останатите политичари на парламентарните и локални избори, пред сѐ заради намалувањето на загаденоста на воздухот и заштита на животната средина во градот. Куманово последните неколку години е на врвот на градови со енормно загадување во државата.
С. НИКОЛИЌ