Во Струга денеска беше предаден во употреба реновираниот објект на едриличарскиот клуб „Снегар”, кој изгоре во голем пожар на 21 јули годинава. На скромната свеченост се собраа бројни едриличари и љубители на едрењето, а евроамбасадорот Самуел Жбогар симболично донираше 100 евра за натамошно доопремување на клубот.
„Морам да кажам дека голема помош во реновирањето на клубот добивме од Агенцијата за млади и спорот и од директорот Дарко Каевски. Ни беа доделени 12.000 евра, кои наменски беа потрошени. Изразувам благодарност и на триесетина помали донатори. Сакам да напоменам дека наши членови со околу 2.500 работни часови придонесоа да се ревитализира клубот“,изјави претседателот на „Снегар”, Лазе Ѓоргоноски.
На денешната свеченост дојде и малиот Марко Милески, кој набргу по пожарот, заедно со својата сестра Сара, прв почна да собира средства за реновирање на клубот.
Во пожарот изгореа 33 пловни објекти, а беше уништена и 60-годишната документација на клубот. Штетата се проценува на 300.000 евра.
Д. ЧУБРИЌ