НАМАЛУВАЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО И СПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ ИЗДВОЕНИ КАКО ПРИОРИТЕТИ ВО ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБИТЕ ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    НАМАЛУВАЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО И СПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ ИЗДВОЕНИ КАКО ПРИОРИТЕТИ ВО ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБИТЕ ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИВо извештајот за состојбите со животната средина се предлага да се измени програмата за намалување на загадувањето на воздухот од 2018 година за да се спроведат мерките од оценувањето за влијанието на подобрувањето на квалитетот на воздухот. (Фото: СДК.МК)

    Владата ги има прифатено препораките на економската мисија на Обединетите нации (УНЕЦЕ) и интензивно работи на решавање на проблемите со загадувањето на воздухот и справувањето со отпадот, рече министерот за животна средина Насер Нуредини на промоција на третиот преглед на состојбите во животната средина, во организација на УНЕЦЕ и Министерството за животна средина.

    Тој рече дека загадувањето на воздухот и справувањето со отпадот се издвоени како приоритети во извештајот и дека земјата работи на усогласување на законодавството.

    „Интензивно работиме на нашето законодавство и ги ревидираме законите, но би истакнал дека ова не е проблематика на една институција, туку треба да се вклучат и другите министерства, бизнис секторот, медиумите и невладините организации, како и граѓаните за заедно да најдеме решение за моменталните состојби во врска со животната средина“, рече Нуредини на вчерашната промоција.

    Антони Нунес, програмски менаџер на УНЕЦЕ, рече дека со извештајот се оценуваат целите за одржлив развој и дека опфаќа и теми од економијата и дека животната средина не е обврска само на ресорното министерство, туку и на останатите министерства и институции.

    „Се спроведува програма за субвенции и се зголеми јавната свест. Исто така треба да се преземат мерки за намалување на загадувањето од транспортот, од производство на електрична и топлинска енергија, а и треба да се измени програмата за намалување на загадувањето на воздухот од 2018 година за да се спроведат мерките од оценувањето за влијанието на подобрувањето на квалитетот на воздухот“, рече Нунесе, и додаде дека треба да се унапреди третманот на отпад и да им се помогне на локалните самоуправи подобро да се справат со овие проблеми.

    Според Калинка Габер, државен секретар од Секретаријатот за европски прашања, Владата идентификувала пет приоритети, дефинирани во нејзината програма и дека од аспект на земја кандидат за членство во ЕУ се заложила за усогласување на своето законодавство со политиката за одржлив развој на ЕУ. Според неа тоа бара интерсекторски пристап, со партнерство на сите засегнати страни.

    Невена Георгиевска од О2 иницијативата рече дека недостасуваат инспектори, а уште повеќе недостасува контрола од инспекции од Министерството за внатрешни работи, бидејќи самите инспектори не можат да се соочат со тоа што го имаат на терен, особено на дивите сметилишта и отпадите каде што се гори сè и сешто. Таа рече дека не очекува драстично намалување на загадувањето, бидејќи е потребно системско решение и дека треба да има редовни контроли за да нема палење на терен. Според неа палењето диви депонии не единствен извор на загадување и дека е потребна контрола и на индустриските капацитети.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира