Советот на Општина Штип донесе одлука највисокото општинско признание кое се доделува по повод 8 Ноември, денот на ослободувањето на градот, годинава да биде доделено на новинарка, музички педагог и на пилот.
Викторија Димитрова-Јованова е долгогодишна дописничка на ТВ Телма и на државната агенција МИА, која со својата квалитетна продукција дала голем придонес за афирмацијата на Штип и за надминувањето на повеќе проблеми со кои се соочувале градот и регионот.
Марија Максимова е магистер по пијано и професор во Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“. Деновиве, Максимова во Белград доби уште едно високо признание, кога стана еден од седумте најдобри педагози на поранешните ју-простори.
Третиот носител на штипското признание е Раде Ивановски, кој досега пилотирал за повеќе светски авиокомпании. Во последните години, тој работи за авиокомпании од Африка. Ивановски, заедно со своите двајца синови, кои се исто така пилоти, неодамна во близина Штип отвори хангар за авиони и школа за пилоти, а го формираа и првото авиотакси во државата.
Тие ќе ги примат признанијата на свечена седница на Советот на Општина Штип, што ќе се одржи по повод 8 Ноември.
Т. ЈОВАНОВСКИ