Евроамбасадорот Самуил Жбогар рече дека премногу е рано да се зборува за новата методологија за проширување на Европската унија што ја бара Франција и рече дека делегацијата на ЕУ во земјата ќе се обиде преку директна соработка со локалното население да го вратат оптимизмот и мотивот на граѓаните за европските вредности. Тој ова го кажа на работилницата организирана од делегацијата на ЕУ.
„Би ја оставил високата политика на земјите членки и на дискусиите во Брисел. Делегацијата на ЕУ и јас како амбасадор на ЕУ сега што можам да направам е да им покажеме на луѓето дека сме овде и што можеме да поддржиме. Затоа ја отворивме Европската куќа каде што се надеваме дека младите луѓе ќе најдат место каде може да се среќаваат, да учат да креираат и да иновираат. Затоа сега се обидуваме да им помогнеме на градоначалниците да направат промени во општините каде живеат луѓето, да живеат европски без оглед дали се почнати преговорите или не“, рече Жбогар.
Тој рече дека ќе работат уште попосветено за да почувствуваат граѓаните дека ЕУ е тука и дека ќе остане.
„Претседателот на Европскиот парламент беше овде и слушна за тешкотиите да се одржи оптимизмот на граѓаните за европската иднина по одлуката да не се отпочне со преговори. Ние како делегација на ЕУ и градоначалниците немаме голема улога во процесот на носење на одлуки на високата политика во Унијата. Но, тука сме да останеме, ќе продолжиме со политичката поддршка и со фондовите. ЕУ е најголемиот донатор и годишно обезбедуваме над 100 милиони евра, а ќе има повеќе фондови во иднина. Луѓето во општините треба да им помогнат на градоначалниците да го направат локалниот живот европски, за да може луѓето да почувствуваат дека живеат европски дури и со почнување или не почнување на преговорите.“, рече Жбогар.
Европската унија досега има поддржано проекти од областа на животната средина, образованието, здравството, културата, зајакнување на капацитетеите на општините.
Никола Бертолини, раководител за соработка од ЕУ, рече дека овде се да им објаснат на претставниците на општините како подобро да ги имплементираат проектите, и како тие како донатори може да им помогнат.
„Ова е нова инцијатива да се изградат повеќе партнерства на ЕУ со локално ниво и ќе објасниме како технички го поддржуваме овој процес“, рече Бертолини.