Ник Пауел, легендарниот британски продуцент кој во 1970-те заедно со Ричард Брансон ја основа британската компанија „Вирџин груп“, кој продуцирал над 60 филмови, меѓу кои и новиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски „Врба“, почина вчера во Оксфорд на 69 години. Пауел беше 15 години на чело на Националната школа за телевизија и филм, која под негово раководство се издигна во една од најдобрите филмски школи во светот, за што лани доби и награда БАФТА.
Пауел беше со „Врба“ на светската премиера на 19 октомври во Рим, и тоа беше неговиот последен завршен филм. Режисерот Манчевски вели дека ја смета за привилегија можноста да работи со Пауел и дека е многу погоден од неговата смрт.
„Ник го знаев поблиску само неколку години, ама ми стана како постар брат. Секоја минута помината до него ми беше радост. Еден од најдарежливите и најдуховити луѓе што сум ги сретнал. И еден од најпосветените професионалци со кои сум работел. Гинеше за ‘Врба’, лавовски се бореше за филмот, вистински лидер. Многу ни фали“, вели Манчевски.
Пауел имал само 22 години кога со Брансон ја основале„Вирџин груп“, подоцна „Вирџин рекордс“ е компанија за која снимале имиња како Пола Абдул, Џенет Џексон, Рој Орбисон, „Симпл мајндс“, Лени Кравиц, Мајк Олдфилд, „Смешинг пампкинс“ , „Спајс грлс“.
Во 1983 година, Пауел со Стив Вули ја основале „Палас продакшнс“, која ги продуцирала филмовите на реномираниот ирски режисер Нил Џордан „Компанија на волци“ (1984), „Мона Лиза“ (1986) и „Играчка плачка“(1992). Боб Хоскис за улогата во „Мона Лиза“ имаше номинација за Оскар, а доби Златен глобус и БАФТА за најдобра машка улога. За „Играчка плачка“, Џордан доби Оскар за најдобро оригинално сценарио, како и БАФТА за најдобар британски филм, а според Британскиот филмски институт рангиран е како 26 најдобар филм на сите времиња.
Пауел во 2017 за САКАМДАКАЖАМ.МК говореше за шоу-бизнисот, за почетоците на „Вирџин груп“. Пауел и сер Ричард Брансон биле пријатели од детските денови, нивните први сопруги се сестри, и заедно влегле во музичката и филмска индустрија, основајќи ја „Вирџин рекордс “. Во 1991 Пауел ги продал своите акции од „Вирџин рекордс“ на „Еми“.
„Не жалам за тоа, не жалам за ништо во животот. Не жалам ниту за моите поранешни сопруги, затоа што поминавме прекрасни периоди. Јас сум многу горд дека бев дел од основачките етапи, сакав да учествувам во нешто што се создава. Имав среќа бидејќи имав способност да ги препознаам нештата за кои луѓето сметаат дека не се вредни на пазарот. Имав среќа што мојата проценка беше исправна. Имав навистина прекрасни моменти, правевме возбудливи нешта, сѐ ме возбудуваше и имавме голем успех“, рече продуцентот.
Пауел и Манчевски се запознале уште за време на снимањето на најнаградуваниот македонски филм „Пред дождот“ во 1994, и оттогаш, рече Пауeл, е голем обожавател на македонскиот режисер.
„Милчо ми го испрати синопсисот, и ми се допадна дека е за Македонија. Ми се допадна фактот дека Милчо се враќа во Македонија, да направи филм кој е за Македонија, за луѓето, за Скопје, за селата. Тоа е навистина оригинално сценарио, знаев дека тој го напишал и тоа ме заинтригира. Комбинацијата на тоа дека Милчо се враќа на неговите корени и ова исклучително сценарио беше пресуден момент кој ме заинтересира. Изминатава декада бев директор на Националната школа за телевизија и филм, и си помислив дека ова е кул филм за јас да се вклучам и да помогнам во продукцијата. Верувам дека Милчо може да донесе навистина кул филм. Сакам да сум вклучен, доколку сака и тој“, кажа Пауел пред две години.
Б. НЕСТОРОСКА