САКАМ ДА РАБОТАМ СО МИЛЧО МАНЧЕВСКИ НА „ВРБА“, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНИОТ ПРОДУЦЕНТ НИК ПАУЕЛ, ОСНОВАЧОТ НА „ВИРЏИН“ СО РИЧАРД БРАНСОН

    САКАМ ДА РАБОТАМ СО МИЛЧО МАНЧЕВСКИ НА „ВРБА“, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНИОТ ПРОДУЦЕНТ НИК ПАУЕЛ, ОСНОВАЧОТ НА „ВИРЏИН“ СО РИЧАРД БРАНСОННик Пауел е коосновач на „Вирџин рекордс“ заедно со сер Ричаерд Брансон, а во Скопје е на договори со македонскиот режисер Милчо Манчевски за продуцирање на неговиот нов филм „Врба“ (Фото: М. Златевска)

    Ник Пауел, легендарниот британски продуцент кој во 1970-те заедно со Ричард Брансон ја основа британската компанија „Вирџин груп“, подоцна „Вирџин рекордс“, деновиве е во Скопје на разговори со македонскиот режисер Милчо Манчевски и продуцентот Владимир Анастав – Вац за неговиот нов филм „Врба“.

    „Вирџин рекордс “ е компанија за која снимале имиња како Пола Абдул, Џенет Џексон, Рој Орбисон, „Симпл мајндс“, Лени Кравиц, Мајк Олдфилд, „Смешинг пампкинс“ , „Спајс грлс“.

    Пауел и Манчевски за запознале уште за време на снимањето на најнаградуваниот македонски филм „Пред дождот“ во 1994, и оттогаш, вели Паул, е голем обожавател на македонскиот режисер. Минатото лето, двајцата биле членови на фестивалско жири во Ростов, Русија и Манчевски го запознал со идејата за неговиот нов, шести филм кој ќе се снима годинава.

    „Врба“ е поддржан од Агенцијата за филм на ѐРМ и со овој проект Манчевски по 8 години пак ќе снима во Македонија.

    „Ми се допадна фактот дека Милчо се враќа во Македонија, да направи филм кој е за Македонија, за луѓето, за Скопје, за селата. Тоа е навистина оригинално сценарио, знаев дека тој го напишал и тоа ме заинтригира. Верувам дека Милчо може да донесе навистина кул филм“; – Ник Пауел (Фото: М. Златевска)

    „Милчо ми го испрати синопсисот, и ми се допадна дека е за Македонија. Ми се допадна фактот дека Милчо се враќа во Македонија, да направи филм кој е за Македонија, за луѓето, за Скопје, за селата. Тоа е навистина оригинално сценарио, знаев дека тој го напишал и тоа ме заинтригира. Комбинацијата на тоа дека Милчо се враќа на неговите корени и ова исклучително сценарио беше пресуден момент кој ме заинтересира. Изминатава декада бев директор на Националната школа за телевизија и филм, и си помислив дека ова е кул филм за јас да се вклучам и да помогнам во продукцијата. Верувам дека Милчо може да донесе навистина кул филм. Сакам да сум вклучен, доколку сака и тој“, ни рече Пауел.

    Во опуштена атмосфера, со голем број вицови и шеги на сметка на Британија, Трамп, шоу-бизнисот и на сметка на својата скршена рака, Пауел (67 години) ни раскажуваше за почетоците на „Вирџин груп“, заедно со сер Ричард Брансон, британскиот магнат, филантроп и инвеститор, чие богатство „Форбс“ го процени на 5.1 милијарда долари.

    Пауел и сер Ричард Брансон биле пријатели од детските денови, нивните први сопруги се сестри, и заедно влегле во музичката и филмска индусстрија, основајќи ја „Вирџин рекордс “

    Пораснале во исто село во близина на Лондон, биле најдобри пријатели, но оделе во различни училишта. Нивните први сопруги биле сестри.

    „Ричард сакаше да отвори списание за студенти, и како негов најдобар пријател, нормално беше дека и јас ќе бидам вклучен. Јас го напуштив училиштето на 16 години, и веќе на наши 17 години отворивме списание за студенти, а ние и двајцата не завршивме факултет (ха, ха). Потоа сфативме дека ни требаат повеќе пари, и во доцните 1960-ти години основавме компанија за нарачки, како минијатурен Амазон. Луѓето ни праќаа пари, ние добивавме снимки од цел свет и ги испраќавме. Дојде еден период кога поштите штрајкуваа, па бидејќи поштарите не доаѓаа да ни носат пари, отворивме продавница. Таа беше многу популарна и успешна, па отворивме и други продавници. Почнавме да продаваме плочи, да се запознаваме со артисти, менаџери, компании и си помисливме : ‘Па ова не е операција на мозок, кога и глупави луѓе можат ова да го работат, можеме и ние, ако сме глупави (ха, ха). Истото го помисливме кога почнавме и со дистрибуција на филмови, и да се запознаваме со продуценти, но тогаш со друг став: ‘Ако овие идиоти можат, можеме и ние. А ние сме генијалци (ха, ха). Не би требало да е тешко, си рековме. А се разбира дека е. Ако мислиш дека не е толку тешко, ќе научиш. Важно е да ја имаш способноста да учиш и да работиш со луѓе. Ричард и јас го напуштивме училиштето, но прашувавме многу и ангажиравме луѓе за тоа што не го знаеме“, вели Пауел.

    „„Кога почнавме со дистрибуција на филмови, и да се запознаваме со продуценти, си рековме ‘Ако овие идиоти можат, можеме и ние. А ние сме генијалци (ха, ха)“ – Ник Пауел (Фото: М. Златевска)

    Потоа отвориле студио за снимање, каде Мајк Олдфилд го снимил албумот „Камбани“( Tubular Bells). Таа соработка ги носи во САД, кога режисерот Вилијам Фридкин ја искористил музиката на Олдфилд за легендарниот хорор филм „Истерувач на ѓаволот“. Албумот е продаден во повеќе од 15 милиони примероци низ светот.

    Во 1991 година, Пауел ги продал своите акции од „Вирџин рекордс“ на „Еми“.

    „Не жалам за тоа, не жалам за ништо во животот. Не жалам ниту за моите поранешни сопруги, затоа што поминавме прекрасни периоди. Јас сум многу горд дека бев дел од основачките етапи, сакав да учествувам во нешто што се создава. Имав среќа бидејќи имав способност да ги препознаам нештата за кои луѓето сметаат дека не се вредни на пазарот. Имав среќа што мојата проценка беше исправна. Имав навистина прекрасни моменти, правевме возбудливи нешта, сѐ ме возбудуваше и имавме голем успех“, вели продуцентот.

    Во однос на снимањето филмови порано и денес, тој споредува дека кога почнувал со овој бизнис, во британската филмска индустрија се снимале по 25 филмови, а денес просекот е меѓу 75-150 филмови. Државата порано давала околу 2 милиони фунти, а денес околу 20-30 милиони фунти.

    „Некои работи се полесни, некои потешки. Луѓето имаат многу кратки мемории, а имаше многу промени. Во 1980-те години, голем дел од публиката сѐ уште одеше на факултети, што значи дека имавме многу пообразована публика. Следеа промени во технологијата, веројатно ќе се смеете на ова, но видео касетите имаа голем ефект на начинот на кој луѓето гледаат филмови. Видео касетите донесоа нова публика, особено за жанрови како хорор и комедија. Секогаш е добро да се биде во индустрија која се менува, така се отвораат повеќе можности. Влегов во филмот во најлошо време, но со сите овие промени, верував дека работите ќе се променат, и се променија“, додава Пауел.

    Според него, денес низ цел свет има многу повеќе државни пари за филмот, но дека е тешко како што отсекогаш било тешко, едноставно треба да се засукаат ракавите. Секогаш ќе биде тежок бизнис. Сепак е шоу бизнис, вели тој.

    „Немав скијано 20 години и изгледа се преценив и заборавив колку сум стар“, шеговито објаснува Пауел за раката која ја скршил пред неколку дена во Италија (Фото: М. Златевска)

    Во 1983 година, Пауел со Стив Вули, ја основале „Палас продакшнс“, која ги продуцирала филмовите на реномираниот ирски режисер Нил Џордан „Компанија на волци“ (1984), „Мона Лиза“ (1986) и „Играчка плачка“(1992). Боб Хоскис за улогата во „Мона Лиза“ имаше номинација за Оскар, а доби Златен глобус и БАФТА за најдобра машка улога. За „Играчка плачка“, Џордан доби Оскар за најдобро оригинално сценарио, како и БАФТА за најдобар британски филм, а според Британскиот филмски институт , рангиран е како 26 најдобар филм на сите времиња.

    „Не бевме изненадени од успехот, туку од тоа колкав беше успехот. Нил е одличен автор, сам си ги пишува сценаријата, но сака да работи и со други автори, што сметам дека е одлична карактеристика на еден филмаџија. Затоа што се отвора друг свет на приказни. Ми се допаѓа способноста на Нил да ја прикаже човечноста на сите типови на луѓе и на карактери, како и неговата умешност да внесе хумор во некои ситуации, иако не снима комедии. Неговите приказни се, она што го велам јас, за вистинската работа“, ни рече Пауел, додавајќи оти сѐ уште се блиски пријатели и дека изминатиов декември биле заедно на специјална проекција на „Играчка плачка“.

    Пауел 14 години беше директор на Националната школа за телевизија и филм, и вели дека е исклучително горд на студентите кои не се откажувале, и на кои им требале дури и по седум години да снимат филм, но денес веќе се значајни и наградувани имиња. За младите и идни филмаџии, Пауел ги советува да бидат слободоумни, да ризикуваат, да не бидат здодевни и да не прифаќаат не за одговор.

    „Во овој бизнис мора да си војникот кој оди од спротивната страна на движење на војската. Кога ризикуваш, мора да си спремен дека не секогаш сѐ ќе излезе според планот. Не може секој ризик да вроди со успех. Бидете мајстор на својот занает, целете кон тоа да сте најдобри режисери, кинематографери, монтажери. Одбивањето е нормална работа, затоа очекувајте многу одбивања. Не грижете се ако не знаете нешто, продолжете понатаму, ова е долг бизнис“, вели Пауел.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира