Судењето за „Титаник“ за злосторничко здружување, изборни измами, повреда на избирачкото право, злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања и други кривични дела попладнево продолжи со сведочењето на Енес Али, вработен одделот за управни работи во МВР.
Тој кажа дека во периодот од октомври 2012 до април 2013, добил плико од надредената, советничката Оливера Димчева, со барања за издавање лични карти на жители од Гора и Пустец, а готовите лични карти ги подигал лично обвинетиот Мунир Пепиќ, кој се потпишувал на образецот. Личните карти биле за Општина Центар.
„Советничката Оливера Димчева ми донесе плико во кое имаше барања и апликации за сликање на странки. Во нив недостасуваа решенија за жителство. Ми беше кажано да бидат одобрени тие барања, а дополнително ќе ми кажат за што се. Јас ги одобрив барањата. Тие барања првин беа малку, а по извесно време почнаа да бидуваат во поголем број. Јас ги одобрував и ги враќав кај советничката. Првите беа од Гора, а потоа и од Пустец. Добиваа лични карти во Општина Центар. Готовите лични карти му беа давани на Мунир Пепиќ. Тој се потпишуваше“, сведочеше Али.
Следен сведок беше Ферхус Али, вработен во одделението за управни работи во МВР, кој рече дека на таков начин биле издадени 500 до 600 лични карти. Нему му се јавила Димчева, која му рекла да го пречека Пепиќ за сликање за лична карта. Пепиќ, рече Али, дошол со два-тројца и му рекол да договори тие да се сликаат за лична карта.
„Ги земав барањата и ги проверив во системот. Пишуваше дијаспора, лица од странство. Му кажав на Пепиќ дека треба да се поведе постапка за жителство во Градот“, кажа сведокот.
Тој потоа се јавил кај началничката Јадранка Гулевска и кај Димчева. Му било кажано дека тоа е договорена работа, а документите кои недостигаат ќе бидат дополнително донесени.
Откако им беа групно издавани овие лични документи пред изборите, овие „човечиња“, како што ги нарекуваше обвинетата ексминистерка Гордана Јанкулоска, организирано беа носени да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Во случајот „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
С. К. ДЕЛЕВСКА