Идејата на фирмата „Тетрактис“ да се прокопа Студенчишко Блато за марина е многу далеку од доменот на општествено одговорно управување, но многу длабоко во доменот на приватните лични интереси на само неколкумина сопственици на пловни објекти во Охрид, велат од Охрид СОС, чии претставници учествуваа на презентацијата на проект за општествено одговорно управување со Студенчишко Блато, организирана од ова архитектонско студио. Блатото е крајбережен простор, а екологистите го сметаат за бели дробови на Охридското Езеро.
„За една година, ова е втор предлог на ‘Тетрактис‘, кој ретерира од првичната идеја и локација и сега претставува план далеку поголем и помегаломански од само една ‘мала марина за едрилици‘. Разгледувајќи ја веб-страницата на ‘Тетрактис‘, не можевме да најдеме проекти кои го покажуваат искуството на фирмата во вакви деликатни еко-системи. Напротив, има неколку проекти кои се штетни за животната средина. Впрочем, и самото лого на фирмата го покажува токму тоа – повеќе урбанизација, помалку природа. Парадоксално, студиото упорно презентира предлог за уназадување на еко-системот на Студенчишко Блато“, соопштија од Охрид СОС.
Од оваа невладина организација реагираат и на предложените паркинзи за возила и пловни објекти.
„Наводниот одржлив економски модел опфаќа 1.000 паркинг места за возила и стотици паркинг места за пловни објекти на секаков тип на гориво. Тоа значи драстично повеќе отпад, токсични материи и потенцијални хаварии, што ќе предизвикаат загадување на водата, зголемена бучава, трансформација и фрагментација на живеалиштата, но и вештачки бранови. Дилетантизмот и комплетната неупатеност на ‘Тетрактис‘ отиде дотаму што го споредува Охридското Езеро со езерото Ферто на границата меѓу Австрија и Унгарија, кое не е природно! Да се споредува древен еко-систем со културен пејзаж е несреќен обид за исклучително провидна манипулација на јавноста”, велат, меѓу другото, од Охрид СОС.
Идејата за изградба на марина во Студенчишко Блато беше актуелна уште во мандатот на градоначалникот Никола Бакрачески од ВМРО-ДПМНЕ, но по жестоките реакции во јавноста тој се откажа. Потоа, новиот градоначалник на Охрид, покојниот Јован Стојаноски од СДСМ, најави дека има намера да го претвори Студенчишко Блато во природен музеј на отворено. Но иако таа идеја идеја беше подржана од еколошките актвисти и здруженија, ништо не се оствари.
Д. ЧУБРИЌ