СЛОВЕНИЈА Е ТОП-ДЕСТИНАЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СТУДЕНТИ, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ ЈАЗБЕЦ

    СЛОВЕНИЈА Е ТОП-ДЕСТИНАЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СТУДЕНТИ, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ ЈАЗБЕЦИстражувањата покажуваат дека македонските студенти се едни од најдобрите во Словенија, кажа Јазбец на промоцијата на свои книги во Битола (Фото: СДК.МК)

    Словенија е топ-дестинација за студенти од Северна Македонија и тоа станува своевиден феномен. Во моментов има околу илјада македонски студенти, од ниедна друга земја нема толку, рече словенечкиот амбасадор Милан Јазбец, кој денеска промовираше свои книги во библиотеката на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.

    „Се запишуваат многу на медицина, потоа на природни и општествени науки. Има и поранешена ученичка од ова училиште која денес студира астрономија во Словенија. Јазично сме блиски и по култура и менталитет, но и по оддалеченост“, рече амбасадорот Јазбец.

    Тој напомена дека во Словенија се правени емпириски истражувања кои покажуваат дека македонските студенти се едни од најдобрите таму. Имаат и можности да најдат работа.

    „Како реултат на студирањето во Словенија, тројца-четворица од најдобрите светски експерти за роботика се од Македонија и работат во Словенија на институтот ‘Јожеф Штефан‘, тројца-четворица најдобри уролози се од Македонија и работат во Словенија. Двајца-тројца светски кардиолози се по потекло од Македонија, едниот е од Охрид, а работат во Марибор“, рече амбасадорот.

    Според него, тоа е доказ за квалитетот на образовниот систем во Словенија. Додаде дека во неговата држава живеат и работат околу 20.000 Македонци, а плус има и 21.000 словенечки државјани со македонско потекло.

    Амбасадорот своите книги „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ и „Мартон Крпан-дипломат и воин“ ги презентираше пред битолските гимназијалци во библиотека чиј раководител е Драган Ристевски, со кого Јазбец на времето студирал новинарство во Словенија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира