ИСЕЧЕНИТЕ ЈАПОНСКИ ЦРЕШИ БЕА ИСУШЕНИ, В ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ БИДАТ ЗАСАДЕНИ НОВИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ИСЕЧЕНИТЕ ЈАПОНСКИ ЦРЕШИ БЕА ИСУШЕНИ, В ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ БИДАТ ЗАСАДЕНИ НОВИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВСтанува збор за 13 дрвја, кои уште од лани беа исушени и заболени, а од Општина Центар тогаш најавија дека мора да бидат исечени. (Фото: К.Попов)

    Јапонските цреши на улицата Максим Горки во Центар се сечат бидејќи се суви и заболени, а ќе бидат заменети со нови уште в понеделник, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    Утрово екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ по налог на Општина Центар ги исече јапонските цреши на улицата Максим Горки. Станува збор за 13 дрвја, кои уште од лани беа исушени, а од Општината тогаш најавија дека мора да бидат исечени.

    „Јапонските цреши се многу нежни дрвја. Која е причината поради која се заболени, не знаеме. Можно е така да биле донесени, па после извесно време да се појавило габичното заболување. На дрвјата има габи големи колку гроздови, може да се случи да се заразат и останатите дрвја околу нив. Затоа наши екипи откако направија увид испратија допис до Град Скопје кој треба да издаде решение за сечење а екипите на ЈП ‘Паркови и зеленило‘ да ги исечат“, рекоа од Општина Центар на 19 април лани.

    Од Град Скопје вчера на нивата официјална фејсбук страна известија дека дрвјата денес ќе се сечат и на нивно место ќе се засадат нови.

    „Непотребно се шири хистерија. Дрвјата се исушени и заболени. Во рамките на есенската акција за зазеленување на градот набавени се и 50  јапонски цреши. Уште в понеделник ќе се засадат нови и ќе се обнови дрворедот“, вели Шилегов.

    Улицата Максим Горки е позната по дрворедот од јапонски цреши. Првите дрвја од овој вид беа засадени пред десетина години. Дрвјата кои сега се заболени и се сечат ги засади Општина Центар пред 5 години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира