Издавачката куќа „Три“ месецов слави 20 години присуство на издавачката сцена во земјава. Освен со попусти, акции и промоции, ќе ја промовираат специјалната едиција од 20 наслови кои во изминатите 20 години оставиле најсилен печат во нивната работа и воопшто на македонската книжевна сцена. Оригиналниот дизајн на кориците за оваа едиција е изработен од Зоран Кардула.
Приказната на „Три“ почнува на 23 ноември 1999, а ја основа Винка Саздова. Издаваштвото постепено станува секојдневие на целото семејство и прераснува во семеен бизнис кој денес го водат тројцата синови. Со Саздова рагозваравме за почетоците, за условите во издаваштвото пред 20 години и денес, за читателската публика.
На прашањето како беше пред 20 години да се основа издавачка куќа, таа вели: „Веројатно ни полесно ни потешко од денес. За да се почне нешто ново, треба одлука и јасна цел, а јас и обете ги имав. Се разбира, имав и искуство во издаваштвото, што беше многу важно. Пред да го основам ‘Три’, шест години водев една друга издавачка куќа. Тие беа драгоцени години на стекнување искуство, што потем многу ми помогна. Всушност, со ‘Три’ јас не почнав од почеток, ами само го продолжив тоа што го бев работела и пред тоа. Најважната инвестиција се луѓето. Тоа се покажа за сосема точно и во мојот случај. Сите македонски автори и преведувачи, со кои со години соработував, појдоа со мене на патот наречен ‘Три’. Што значи, не бев сама. Тука беа Петре М. Андреевски, Венко Андоновски, Михаил Ренџов, Ѓорѓи Марјановиќ, Елена Колева, и многу други. Ја имаат мојата вечна благодарност што ме поддржаа во создавањето и градењето на оваа, како што милувам да ја наречам, точка на светлината. Со нив беше лесно да бидеш храбар“.
Изминативе 20 години, вели таа се среќни, исполнети години, бидејќи е благослов да живееш од и за книгата. Имало и тешки и лесни мигови, но, вели таа, тоа се години на едно исполнето живеење. „И на раст. Како да си засадил дрво и го гледаш како расте, такво ми е чувството. Се разбира, не го гледаш само отстрана, туку и го негуваш, даваш дел од себе, понекогаш даваш и повеќе одошто имаш (енергија, верба, истрајност.) Иако не ги сакам фактите, тие многу зборуваат. Во ‘Три’ почнавме двајца, сега се 17-мина. Со логото на ‘Три’ досега се објавени над 1.300 нови наслови, а да не зборуваме колку се препечатувани. Врвни домашни и светски писатели се автори на ‘Три’, имаме и четири книжарници во Скопје. Најважна е посветеноста и истрајноста. И довербата на читателите. За тоа што ‘Три’ е еден од врвните издавачи на македонската книжевна сцена, најзаслужни се моите синови Александар, Бојан и Љубомир. Тие веќе цели 10 години успешно го водат ‘Три’, а подемот е очигледен. Благодарејќи им ним, јас денес можам да седам под сенката на дрвото ‘Три’ (ете, и на англиски three е дрво) и да се восхитувам на неговите плодови. За среќа, еден од тие плодови сум и јас самата, како негов автор“, вели Саздова.
Писателката смета дека денес условите во издаваштвото се попогодни, зашто има многу поголем број автори и читатели, разновидни продажни места на книгата покрај книжарниците (супермаркети, бензиски станици, интернет-книжарници), полесна комуникација со читателската публика преку социјалните мрежи.
„Има и поголема конкуренција, што го гледаме како предизвик. На маратоните човек не сака да трча сам, убаво е кога има добри тркачи околу него. Го мотивираат“, додава таа.
Околу развојот на новите технологии и дали се менува вкусот за книги кај читателската публика низ годините, Саздова вели дека книгата, за среќа, не изумира, иако стравувале кога излегоа таблетите. Се чита, вели таа, иако не доволно.
„Сега повеќе читаат младите, за разлика од порано, што многу ме радува. Секое време носи промени, нова естетика, тоа е толку нормално. Ова е време на инстант среќа, инстант комуникација. Тоа се одразува и во она што го нарекуваме вкус. Во ова време на наплив на евтини мелодрами и њуејџ книжулиња, тешко е да го градиш вкусот на читателот. Но, сепак, ние не се предаваме. Понекогаш се случува да очајуваме кога некоја книга со висока уметничка вредност никој не ја погледнува. Не баш никој, се разбира, има читатели на кои читањето не им е само забава и проветрување на умот, ами градење на себе. Но, сепак, зборуваме за мноштвото. А тоа сака книга што ќе го забавува. Не велам дека не е важно човек додека чита да се забавува, убаво да се чувствува, но сепак, идејата на читањето е многу подлабока. Во книгата ја бараме Вистината, Себе“, вели Саздова.
Издавачката куќа најавува дека веќе се промовирани првите десет наслови од специјалната едиција: „Последниот чај“ од Винка Саздова, „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Папокот на светот“ од Венко Андоновски, „Се гледаме на врвот“ од Коста Петров, „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева, „40 правила на љубовта“ од Елиф Шафак, „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков, „Сапиенс“ од Јувал Ноа Харари, „Лидер без титула“ од Робин Шарма и „Платформа“ од Мишел Уелбек.
Б. НЕСТОРОСКА