НЕ МИ Е ЈАСНО КАКО АРХИТЕКТИТЕ КОИ ГО ИЗГРАДИЛЕ СКОПЈЕ ПО 1963 ГИ НЕМА ВО СВЕТСКИТЕ УЧЕБНИЦИ, ВЕЛИ АНА КАЦ ОД МОМА ЊУЈОРК

    НЕ МИ Е ЈАСНО КАКО АРХИТЕКТИТЕ КОИ ГО ИЗГРАДИЛЕ СКОПЈЕ ПО 1963 ГИ НЕМА ВО СВЕТСКИТЕ УЧЕБНИЦИ, ВЕЛИ АНА КАЦ ОД МОМА ЊУЈОРКНа изложбата „Скопје, одново“ која е соработка на МСУ И Амбасадата на САД во Скопје ќе бидат изложени повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на американска колекција и кореспонденцијата со авторите на делата. Плакатот за изложбата „Скопје, одново“/Ана Кац. (Фото: СДК.МК)

    Американката Ана Кац, која работи во одделот за архитектура во Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА, соработуваше со Кумјана Новакова (кустос-соработник во Музејот на современа уметност МСУ – Скопје) на изложбата „Скопје, одново“ која ќе се отвори утре во 20 часот во МСУ. Ќе бидат изложени повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на американската колекција на МСУ по земјотресот од 1963 и кореспонденцијата со авторите на делата.

    Изградена во 1970, зградата на МСУ е извонреден пример на архитектурата на високиот модернизам и е споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје по земјотресот во 1963. За првпат, МСУ – Скопје ќе изложи дел од личната кореспонденција на авторите како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли. Изложбата е резултат на соработката помеѓу МСУ – Скопје и Амбасадата на САД во Скопје.

    Кумјана Новакова и Ана Кац ја подгототвуваат изложбата „Скопје, одново“ (Фото: А. Ивановска)

    Новакова и Кац се запознале лани, кога модернистичкото наследство од територијата на поранешна Југославија беше претставено во МоМА, на изложбата „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980. Дел од поставката беа оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Скопје на Кензо Танге, како и бројни оригинални цртежи и дел од проектната документација на Градскиот архив и Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитектот Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова-Томиќ и Кирил Муратовски.

    Кац вели дека на Универзитетот Колумбија студирала историја на уметност и словенски јазици и литератури, со посебен фокус на јужнословенските јазици. Може да чита на македонски, во голем дел и разбира, но не го говори. Првпат го посетила Скопје додека работела на истражувањето на МоМА.

    „Додека бев тука, се заинтересирав за исклучително прекрасното архитектонско наследство од луѓе како Јанко Константинов и Ѓорѓи Константиновски, луѓе кои биле клучни личности во преобликувањето на градот после 1963. Тука е секако и Кензо Танге, Алфред Раф. Бев запрепастена од фактот дека ништо од тоа никогаш не беше спомнато на ниту едно предавање на кое сум била. Дека имињата на овие личности, кои очигледно многу придонеле, недостасуваат во кое било издание за архитектурата на 20. век. Се заинтересирав зошто е тоа така“, вели Кац за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Понатаму продоложила водена од фактот, како што вели, дека скопскиот земјотрес бил еден вид кастастрофа со масовна медиумска покриеност и дека цел свет дошол тука.

    „Сите биле овде. Бев импресионирана од целата поддршка и напори. Се заинтересирав и за ‘Скопје 2014’, како втор проект за реконструкција на Скопје, и тоа за мене беше како пресврт на 1963, кога се граделе современи и космполитски објекти. ‘Скопје 2014’ беше политички и естетски конзервативен проект. Начинот на кој ‘Скопје 2014’ донесе до уништување на некои архитектонски споменици после 1963, дефинтивно влијаеше на тоа како ја претставивме 1963 во изложбата во Њујорк“, додава кураторката Кац.

    Со Кац поразговаравме и за американската колекција во МСУ, и таа вели дека се двоуми да ја категоризира колекцијата на национално ниво, бидејќи, вели, уметниците не донирале оти биле Американци, туку дека сакале да го поддржат глобалниот напор за обнова на градот.

    „Кога изминатиов август истражувуваме, најдовме некои исклучителни дела и излезе дека и во колекцијата во МоМА ги имаме. Не делата, туку уметниците“, вели Кац.

    Изложбата е резултат на соработката помеѓу МСУ – Скопје и Амбасадата на САД во Скопје, а кураторки на изложбата се Кумјана Новакова и Ана Кац. (Фото: СДК.МК)

    МоМА неодамна го отвори проширениот галериски дел и една од целите на тој дел е одновo да ги напише законите на историјата на уметноста на 20. век.

    „Музејот е во потрага по нови хероини, жени уметници. Сфативме дека има исклучително неверојатни уметнички кои влегле во колекцијата на МоМА, речиси во исто време кога станале дел од колекцијата во МСУ. А кои МоМА со години не ги изложила. Оние херои кои МоМА ги бара ги најдовме овде. Еве конкретно, Шила Хикс е една од најзначајните современи уметници, која имала изложба тука во 1973. Пред два месеца ја видов во МоМА, имаше голема инсталација во проширениот дел. Разговаравме за нејзините патувања низ поранешна Југославија во раните 1970-те и беше неверојатно да слушнам како говори со оптимизам за нејзиниот престој тука. Сфатив дека наративот кој го имаме за 20. век е сосема несоодветен, затоа што луѓето патувале и комуницирале. МСУ има дело од Шила Хикс, и дело од македонски уметник кој правел дела со текстил откако ја видел Хикс. Така можете да ги видите тие врски меѓу уметниците“, рече Кац.

    Визуелниот идентитет и графички дизајн за изложбата е на Елена Диновска-Зарапчиев, а дизајнот на изложбата е на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков.

    Изложбата во МСУ ќе трае до 18 февруари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира