И поранешниот градоначалник на Велес Славчо Чадиев и поранешниот претседавач на Советот Александар Колев изјавија дека не чувствуваат вина по обвинението дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Така по три одложувања започна овој судски процес. Спротивно на нив, претставникот на Општина Велес, секретарот Елизабета Јовчевска одговори потврдно на прашањето дали се согласуваат обвинетите кривично да се гонат.
Потоа како сведоци беа сослушани тројца вработени во Општина Велес, и тоа за околностите како се користеле службените возила, кој давал наредба за нивно користење, каде биле клучевите, кој дозволувал возилата да се користат и каква била евиденцијата за користењето.
Чадиев е обвинет дека како службено лице-градоначалник постапувал спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на Наредбата за користење и одржување на службените моторни возила. Тој со усно одобрение му допуштил на Колев во периодот од 23 февруари 2014 до 09 мај 2016, во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.
Колев, пак, е обвинет дека без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластување за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот.
П. ПЕЧКОВ