Државниот обвинител Љубомир Јовески воопшто не зазема страна и вели дека Вилма Русковска била моментално разочарана од пуштањето на Катица Јанева во куќен притвор, откако Апелациониот суд соопшти дека шефицата на Обвинителството за организиран криминал испратила заканувачка смс порака до еден од судиите кои одлучувале за мерките на претпазливост за поранешната специјална обвинителка. Одговорот на Јовески доаѓа откако Скопска апелација ја пријави Русковска кај него и кај Советот на јавни обвинители и побара да од нив преземат мерки за, како што велат, недоличното однесување на обвинителката.
„Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница“, се вели во соопштението на Јавното обвинителството, откако Русковска му пишала смс порака на судија од Скопска апелација дека ќе ги истресе од гаќи со финансиска истрага
- СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ЈА ПРИЈАВИЛА РУСКОВСКА КАЈ ЈОВЕСКИ И СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ЗА ЗАКАНИТЕ ДО СУДИИ
- РУСКОВСКА СЕ ЗАКАНИЛА ДЕКА ЌЕ ГИ ИСТРЕСЕ ОД ГАЌИ СУДИИТЕ КОИ ЈА ПУШТИЈА ЈАНЕВА ОД ШУТКА, СООПШТИЈА ОД АПЕЛАЦИОНИОТ СУД
Од Јавното обвинителство додаваат дека ги почитуваат судските одлуки и не се меша во работата на судската власт и дека ќе ја продолжат соработката со надлежните институции и судски органи.
Од Скопска апелација рекоа дека недоличното однесување на Русковска претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката.
С. К. ДЕЛЕВСКА