Министерството за животна средина не ја поддржува одлуката на Советот на Општина Велес да набави и постави мерни станици за квалитетот на воздухот. Ваквиот одговор ги обедини советниците во велешкиот Совет, од власта и опозицијата, кои се незадоволни од добиеното мислење.
„Како локална власт, согласно регулативата, се обративме до Министерството за животна средина за начинот на набавка и поставување на мерните станици кои Советот ги побара. Добивме одговор, потпишан од министерот, дека не го поддржуваат поставувањето на мерни станици од страна на локалните власти“, информираше општинскиот инспектор за екологија Билјана Шуркова-Манаскова.
Одговорот од Министерството бил обемен и стручен и се повикувал на законската обврска да дава мислење за одлуките на советите по прашања од животната средина.
„Кога како локална власт бараме информација за загадувачи со Б-интегрирана дозвола, од Министерството нѐ препраќаат до општинскиот инспекторат, оти не биле надлежни. А, како ќе знаеме каков воздух дишеме кога мерната станица, која е сопственост на Министерството за животна средина, не работи од јули 2018, другата ја отселија од Велес, а не дозволуваат да набавиме и поставиме нова со средства од општинскиот буџет“, рече екологистот Ненад Коциќ, член на Советот.
Советниците на Општина Велес пред два месеца побараа од локалната власт да се распише меѓународен тендер за набавка на мониторинг-станици за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух на пет локации во градот.
П. ПЕЧКОВ