БИСЛИМСКА КЛИСУРА НА РЕКАТА ПЧИЊА ЌЕ СЕ ПРЕТВОРИ ВО ЦЕНТАР ЗА ЕКСТРЕМНИ СПОРТОВИ

    БИСЛИМСКА КЛИСУРА НА РЕКАТА ПЧИЊА ЌЕ СЕ ПРЕТВОРИ ВО ЦЕНТАР ЗА ЕКСТРЕМНИ СПОРТОВИБислимска Клисура се наоѓа на пет километри од Куманово, по течението на реката Пчиња и долга е 6,5 километри. (Фото: СДК.МК)

    Куманово ќе добие спортско-рекреативен центар за алпинизам, кајак на мирни води и велосипедизам. Проектот „Уредување и валоризација на спортско-рекреативниот центар Бислим“ е на Североисточниот плански регион, а средствата во висина од 128.000 евра се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и Министерството за локална самоуправа и тој предвидува целосно искористување на природниот потенцијал на Бислимска Клисура на реката Пчиња.

    Во самото креирање на проектот учествувале Федерацијата за спортско качување и алпинизам и Кајакарската федерација на Македонија, која планира тука да го префрли центарот за обука на мирни води.

    За потребите на центарот веќе е набавен голем дел од опремата (Фото: СДК.МК)

    За потребите на центарот веќе се набавени 15 кајаци, рафтинг чамец, 16 велосипеди, шест електрични велосипеди, два мотора на четири тркала за спасувачките служби, реквизити за уредување и изградба на 60 патеки за спортско качување и виа ферата, комплетна опрема за алпинизам, заштитна и сервис опрема, мобилна ГПС апликација и сѐ друго што е неопходно за непречено користење, функционирање и организирање на спортски тури и натпреварувања.

    „Реализацијата на проектот за Бислимска Клисура е во завршна фаза. До крајот на годината треба да заврши уредувањето на рекреативниот центар и од пролет ќе биде ставен во функција на граѓаните, пред сѐ, на љубителите на спортот. Со овој проект Општина Куманово ќе добие современ спортски центар, а граѓаните можност да се занимаат со овие спортски дисциплини“, вели Владимир Павловски, координатор на проектот, вработен во Североисточниот плански регион.

    Новиот центар ќе биде пуштен во употреба на пролет (Фото: СДК.МК)

    Со центарот ќе стопанисува и менаџира Општина Куманово, која ќе треба да изгради придружни објекти во самата клисура за чување и издавање на опремата.

    Бислимска Клисура се наоѓа на пет километри од Куманово, по течението на реката Пчиња и долга е 6,5 километри. Всечена е во карпи и на некои места наликува на кањон. Нуди одлични можности за развој на туризам поради големиот број пештери, ендемски видови на растенија и животински свет и недопрена природа.

    Од 2015 година, често ја посетуваат кајакари од западноевропските земји, откако Бислимска Клисура и Пчиња се најдоа во понудата на спортските рекреативци од Чешка, како дел од возбудливата тура „Пловна тура низ Македонија“. Тие во потрага по нови доживувања и спортска рекреација, истражувајќи ги убавините на нашата земја, најчесто кампуваат покрај реката во селото Шупли Камен, бидејќи нема ниту еден сместувачки капацитет во околината.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира