Од август до средината на овој месец инспекторите од Општина, заедно со Град Скопје и полициската станица Центар спровеле 16 контроли на кафулиња и кафеани за гласна музика. На 14 локали им е пишана казна за надминување на законски пропишаното ниво на бучава.
„На барање на граѓаните, инспекторите за бучава на општината извршија повеќе контроли на локали, кафе барови и ресторани во Дебар Маало, кеј 13 Ноември, во Капиштец, на улица Орце Николов, на улица Македонија и на Плоштад Македонија. Контролите и надзорите во локалите ќе продолжат и во периодот што следи. Апелираме до баровите, рестораните и локалите да се воздржат од гласната музика, да се придржуваат до постоечките правилници и да ги почитуваат законските решенија за дозволена гласност“, велат од Општина Центар.
Казната за надминување на законски пропишаното ниво на бучава е 5.000 евра. За санкционираните локали кои нема да ја исплатат глобата, општината ќе достави Барање за прекршок до Комисијата за прекршоци во Министерството за животна средина.
А. АНТЕВСКА