ШАР ПЛАНИНА ДОБИ ОСУМ КРОС КАНТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ

    ШАР ПЛАНИНА ДОБИ ОСУМ КРОС КАНТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИНовопромовираните патеки се во вкупна должина од 170 километри и поминуваат низ најживописните предели на Шар Планина. (Фото: СДК.МК)

    Попова Шапка, освен што е познат зимски скијачки центар, сака да стане и центар за планински велосипедизам. Шарпланинскиот регион станува препознатлива дестинација за овој спорт со извонредни патеки наменети и за почетници и за напредни крос кантри велосипедисти.

    Вчера беа промовирани осум маркирани крос кантри планинско-велосипедски патеки како дел од проектот на планинарскиот клуб „Шара ски“. Патеките се во вкупна должина од 170 километри и поминуваат низ најживописните предели на Шар Планина.

    „Проектот ‘Попова Шапка – cross country trails‘ има два аспекта. Ги обновивме и дополнивме постоечките маркации на патеките, подготвени и поставени се патокази, маркирани се патеките со ГПС уред, впишани се координатите и карактеристиките на патеките, одредени се места за пауза долж патеката и исцртани се мапи од секоја патека со сите податоци. Вториот аспект е подготовката на Инфо-пакет/брошура за крос кантри патеките на Попова Шапка. Брошурата ќе содржи информации за името, локацијата и должината на патеките, како и висинската разлика, потребното време за возење, инфраструктурните објекти долж патеката и слично“, изјави Јован Јовановски од „Шара ски“, државен и балкански првак во планински велосипедизам.

    Во изминативе четири недели, претставници на „Шара ски“ извршиле обележување и маркирање на патеките и обновиле дел од постоечките велосипедски патеки, а дел од патеките се и нови.

    „Освен патокази на самите патеки, имаме создадено ГПС рути, апликација за мобилни телефони, можност за изнајмување велосипеди, ангажирање на лиценциран велосипедски или планински водич, воспоставени се мерки за безбедност и медицинска помош и слични потреби“, рече Горан Миловановски, лиценциран водич од „Шара ски“.

    Во оваа фаза од проектот целосно се обележани и подготвени осум патеки. Најкратката е три, а најдолгата 90 километри.

    Крос кантри велосипедските тури се организираат од мај до октомври.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира