Организаторите на меѓународно студентско спортско натпреварување повикаа двајца нигерски пингпонгари да бидат вратени во нивната земја откако хрватската полиција по грешка ги депортирала во мигрантски камп во БиХ.
Осумнаесетгодишните Абија Учена Александро и Ебо Кенет Чинеду пристигнале во Загреб на 12 ноември за да учествуваат на петтото Светско меѓууниверзитетско првенство во Пула и во главниот град се вратиле пет дена подоцна, по што требало да летаат за Лагос. Ноќта пред заминувањето, додека шетале низ Загреб, тие биле запрени од двајца полицајци кои им побарале документи.
„Се обидовме да им објасниме дека документите ни се во хостелот, но тие нѐ приведоа во станица. Тие воопшто не слушаа што им зборуваме“, изјавија тие за босанскиот сајт „Журнал“.
Мислејќи дека се мигранти, полицијата ги ставила во комбе и ги одвезла до границата со БиХ, од каде што со група мигранти биле спроведени до камп во Велика Кладуша. Дури на крајот на месецот волонтери од кампот ги контактирале организаторите на првенството.
„Побарав да ми ги пратат нивните имиња и фотографии и по внимателна верификација потврдивме дека тие навистина настапиле кај нас и дека имаа регуларни визи. Апсурдно е што тоа никој не го проверил“, изјави организаторот Алберто Тангети.
Нигеријците сега се во надлежност на Службата за странци на БиХ, која преговара за нивно враќање во Хрватска.