Првпат Орце Камчев во август 2018 година дознал дека против него се води истрага од адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која беше подоцна на истрагата „Империја“. Така го почна денешното сведочење во случајот „Рекет“, на прашање на обвинителката Вилма Русковска, која воопшто не го прекинуваше.
„Ми кажа дека сум ставен на ПИ-мерки и ако сакам да ме застапува, да му платам 100 илјади евра. Тие да се за почеток, за информацијата што ми ја дал. Ми понуди ако сакам да ме застапува и да ми издејствува поблаги мерки во истрагата за што ми даде скала, ценовник, бидејќи можел да влијае, таква беше неговата понуда“, сведочеше Камчев.
„Бојан Јовановски првин ми побара пари, преку реклама, да уплатам во неговата телевизија. Во ресторанот ‘Суши’ се сретнавме, рече бил многу влијателен. Преку директорката во мојата компанија понудивме 50.000 евра за реклама. Подоцна таа ми кажа дека бил навреден од сумата, била мала. Подоцна тој бараше нова средба. Дојде со препишан бизнис план, за изградба на ВИП-фешн молови. Беше присутна и Јасна Мандиќ. Прашав, имаш ли локација? Рече имам во Карпош, ама немам намера да му се јавувам на градоначалникот Стефан Богоев, ме заеба, а му имам многу помогнато. Ја сврте последната страница од договорот, потпишан беше Лазар Јанев, синот на Катица. Сакаше да ми наплати 4 милиони евра, толку кошташе проектот, лиценцата за проектот. Ќе си имаш проблеми ако не го потпишеш. Не го потпишав, нормално“, вели Камчев.
Потоа Јовановски, откако научил дека Камчев има локација во Карпош, пак преку Зоран Милески барал нова средба, овојпат многу лут. По совет на колеги од неговата приватна болница, дека ќе го урива имиџот преку 1ТВ, Камчев вели дека му дал 180.000 евра за реклама.
Незадоволен од сумата, Боки 13 му пратил фотографија на Инстаграм со тогашната специјална обвинителка Катица Јанева. Така почнала да се конструира истрагата „Империја“, тврди Камчев.
Имало уште една понуда покрај таа на Димишков и на Боки 13, тврди денеска Камчев. Обвинителката Лиле Стефанова преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец барала Камчев да ѝ купи деловен простор на ќерка ѝ за стоматолошка ординација во зградата „Пегла“ на Чифлиганец.Тоа тврдење Стефанова и Чифлиганец го негираа во август откако во италијанскиот весник „Ла Верита“ беше објавена снимка на разговор меѓу Камчев и Боки 13.
- КАМЧЕВ СЕ ОБИДЕ ПРЕКУ ЧИФЛИГАНЕЦ ДА ВЛИЈАЕ НА ИСТРАГАТА И НАМЕРНО МЕ СПОМЕНУВА ВО РАЗГОВОР ШТО САМ ГО СНИМА, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛИЛЕ СТЕФАНОВА
- НЕ СУМ БАРАЛ ОД КАМЧЕВ ДУЌАН ЗА СТОМАТОЛОШКА ОРДИНАЦИЈА ЗА ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА, ВЕЛИ ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ
Сведочењето продолжува, Камчев зборува за истрагата „Империја“, во која тој е првоосомничен.
Бојан Јовановски е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата.
С. К. ДЕЛЕВСКА