Управата за јавни приходи (УЈП) почна со исплата на повратокот од ДДВ на граѓаните. Досега 16.600 граѓани на своите сметки добиле пари, а до крајот на наредната недела повратот ќе биде извршен кај сите граѓани кои ги скенирале фискалните сметки во првото тримесечје.
„Во првиот квартал од МојДДВ скенирани се 22.670.713 фискални сметки, остварен е вкупен промет во износ од 11.423.978.620 денари, со пресметан вкупен ДДВ во износ од 1.241.434.628 денари. Повратот од 15 отсто од платениот ДДВ кај граѓаните за првите три месеци е во висина од 186.215.194 денари односно 3 милиони евра“, велат од Управата за јавни приходи.
Министерката за финансии Нина Ангеловска кажа дека според податоците најмногу скенирале сметки жителите на Аеродром, Кисела Вода, Центар, Карпош, Битола и Штип.
А. АНТЕВСКА