Архитектот Миодраг Митровиќ е годинашен добитник на наградата „Андреја Дамјанов“, која Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) ја доделува за животно дело и особени достигнувања во областа на архитектурата и градителството.
Свеченото доделување по 30. пат е закажано на 15 декември во 20 часот во Музејот на Град Скопје.
Митровиќ е роден во 1948 во Вршац, Србија, а дипломирал на Архитектонскоградежниот факултет во Скопје (1973). Се занимава со архитектонско проектирање. Посебно внимание посветил на станбената проблематика и реализирал повеќе станбени комплекси, станбени згради и индивидуални куќи. Негови позначајни реализации се: „Еуротел“ во Струга (1981), станбени кули „Три бисери“ во Скопје (1982), станбен блок на булевар Партизански одреди во Скопје (1986), Вила „Марко“ во Скопје (1995).
Миодраг Митровиќ и неговата сопруга Лиљана во 2011 беа на чело на комиите кои решаваа за изгледот на две барокни згради од „Скопје 2014“. Миодраг претседаваше со комисијата за избор на идејното решение на зградата на Јавното обвинителство, а претседателка на комисијата за зградата на ЕЛЕМ (сега ЕСМ) е сопругата Лиљана. Брачниот пар Митровиќ се сопственици на фирмата „Метрика“ која учествува во ентериерно уредување на објектот на Јавното обвинителство и на Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј, како и на проектирање и проектантски надзор на подземната гаража кај Уставниот суд, објави во 2014 Призма.
Лани наградата „Андреја Дамјанов“ ја доби архитектот Миодраг Радоњиќ.