Македонија го поддржа бојкотот на церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда за литература на контроверзниот австриски писател Петер Хандке, солидаризирајќи се со дел од балканските држави.
Кралот Карл Густаф 16 вечерва му ја врачи наградата на Хандке, среде негодувањата на меѓународната јавност поради неговата отворена поддршка на српскиот национализам и Слободан Милошевиќ за време на војните во поранешна Југославија во 1990-ите години. Тој исто така го негираше геноцидот во Сребреница, во кој беа убиени над 8.000 муслимански мажи.
Албанија, БиХ, Хрватска, Косово и Турција најавија дека нема да испратат свои амбасадори на церемонијата, исто како и Македонија.
„Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот. Затоа му дадовме инструкции на амбасадорот на Северна Македонија во Шведска да не земе учество во церемонијата на доделувањето на Нобелова награда на Хандке“, напиша министерот за надворешни работи Никола Димитров на Твитер.
Турскиот претседател Ердоган кажа дека тоа значи награда за кршење на човекови права.
„Доделувањето на Нобеловата награда на Хандке значи оправдување на воените злосторства сторени за време на распадот на Југославија“, изјави министерот за надворешни работи на Албанија Гент Чекај.
Во Стокхолм исто така беа најавени протести, што ги организира босанскиот писател Аднан Махмутовиќ.
„Геноцид не е настан туку процес, чија последна фаза е негирањето. Да не дозволиме тоа да биде легитимирано од наследството на Нобел“, кажа Махмутовиќ.