Првиот долгометражен филм на режисерот Илија Пиперкоски, „Дедо и внук“ од утре од 20 часот ќе игра во скопското кино Милениум. Филмот имаше премиера во Охрид минатата недела. Продуцент е Огнен Антов од „Друм фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм.
Главните улоги ги играат: Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и младиот охриѓанец Наум Цветкоски.
„Приказната на филмот почнува по смртта на еден млад пациент, по што младиот доктор Никола се обидува да направи ред во животот и оди на посета кај својот дедо, кај кого последен пат бил пред 10 години. Ова е филм за конфилкт на генерации, со контраст на морални вредности и можности за втора шанса. Љубовта не е нешто кое треба да биде научено. Тоа е нешто кое веќе го имаме, но иронично е што секогаш мора одново да го научиме“, вели Агенцијата за филм.
Сценариото е на Пиперкоски, директор на фотографија е Патру Паунеску од Романија, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, автор на шминката и маските е Клаудиа Мусат, снимател на звукот е Мариус Станеску, а продуцент на филмот е Огнен Антов.
Д. ЧУБРИЌ