ЕДЕН ТЕШКО ПОВРЕДЕН ВО ПОЖАРОТ ОД ЕКСПЛОЗИЈА НА ПЛИНСКА БОЦА ВО ТЕТОВО

    ЕДЕН ТЕШКО ПОВРЕДЕН ВО ПОЖАРОТ ОД ЕКСПЛОЗИЈА НА ПЛИНСКА БОЦА ВО ТЕТОВОТешко повредениот станар каде експлодирала боцата добил изгореници од четврти степен и по укажаната прва помош во тетовската Клиничка болница итно бил префрлен на клиниките во Скопје, а уште десетмина добиле лекарска помош поради труење од чадот. (Фото: СДК.МК)

    Единаесетмина се повредени од кои еден потешко, во пожарот што претпладнево изби во стамбена зграда во Тетово. Тешко повредениот добил изгореници од четврти степен и по укажаната прва помош во тетовската Клиничка болница итно бил префрлен на клиниките во Скопје. Останатите повредени, шест жени и четворица мажи, кои живееле во истиот влез каде избил пожарот, исто така биле итно префрлени во тетовската болница каде им е укажана прва помош поради респираторни проблеми.

    „Со брзата помош во Клиничката болница во Тетово донесени се 11 лица. На одделот за хирургија е донесен пациент во тешка општа состојба со изгореници од четврти степен, кој веднаш со возило на брзата помош и со придружба на реаниматолог е префрлен во Ургентниот центар во Скопје. На одделот за интерни болести во тетовската болница на 10 лица кои се донесени со знаци од инхалаторно труење од чадот им е укажана лекарска помош. Сите овие лица се во лесна состојба и по укажаната терапија се пуштени на домашно лекување“, изјави д-р Бобан Вучевски од Клиничката болница во Тетово.

    Пожарот избил претпладнево нешто по 11 часот кога, според кажувањето на станарите од зградата, експлодирала плинска боца во стан на вториот кат во кој живеел 24-годишниот А. С. По првичната силна експлозија се слушнала уште една помала. А. С. иако целиот бил зафатен со оган успеал да се извлече од станот, а во ходникот соседите му помогнале и го изгаснале огнот кој му ја изгорел облеката. Целиот ходник од зградата бил исполнет со чад што предизвикало голема паника кај станарите.

    „Страшно пукна. Маж ми излезе во ходникот да види што стана. Тогаш удри еден густ чад, едни црнила. Слушнавме како некој човек пишти. Маж ми истрча со ќебе да помогне. Го видовме после човекот што гореше доле во дворот, меса му паѓаа од него. Децата пиштеа насекаде. Алал да им е на пожарникарите, веднаш дојдоа и успеаја за го изгаснат пожарот“ сета потресена зборува една од станарките во зградата.

    Противпожарната единица од Тетово интервенирала со 3 противпожарни возила и со 10 пожарникари.

    „Кога стигнавме видовме дека се работи за пожар од големи размери. Моравме брзо да интервенираме за да спречиме пожарот да се прошири и на другите станови. Иако беше голема паника меѓу луѓето, успеавме навреме да ги евакуираме сите станари од зградата. Имаше многу чад и висока температура. Кога влегов во еден стан, мајката ми го даде нејзиното бебенце и ме молеше да ја оставам неа само нејзиното бебенце да го спасам. Го зедов бебенцето, го ставив во пазувите од моето одело и безбедно го извадив надвор без никаква повреда, а потоа ја извлековме и мајката“, вели Ука Алити, командир на Противпожарната единица од Тетово.

    На местото на пожарот излезе увудна екипа од СВР Тетово и Јавното обвинителство за да изврши увид.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира