На Водно да се изведат посебни патеки за велосипедисти, станици за изнајмување велосипеди, адреналински парк со содржини за деца и возрасни кои вклучуваат и зиплајн, се предвидува со Студијата која ја изработија словенечки и австриски експерти од оваа област. Град Скопје ја презентираше Студијата пред граѓанските организации, планинарските друштва и велосипедистите. Рекоа дека овие содржини се само предлог, а што точно ќе се изведе ќе се одлучува дополнително откако ќе ги чујат забелешките.
„Изминатиот период кога ја истражувавме планината Водно, видовме дека има конфликт меѓу планинарите и велосипедистите. Во Скопје има сè повеќе љубители на маунт бајкинг, но за нив нема патеки, па тие возат по постојните кои ги користат планинарите и тоа во одредена мера е опасно. Со студијата предложивме неколку нови велосипедски патеки, за почетници и поекстремни. На Средно Водно, во делот каде сега има одредени реквизити и клупи во близина на почетната станица на жичницата, предлагаме адреналински парк со реквизити и за деца и за возрасни. Сметаме дека ова ќе ја направи планината поатрактивна за децата оти според нашето истражување само 7 отсто деца на возраст од 6 до 14 години го посетуваат Водно“, кажа Андреј Жигон од Словенија, изготвувач на студијата.
Во студијата се предлага реквизити за деца и возрасни да се постават и на врвот на Водно околу Милениумскиот крст, и изведба на панорамска пешачка патека во јужниот дел.
Планинарите и велосипедистите кои беа на презентацијата кажаа дека итно е потребно да се направат посебни патеки бидејќи сега не се чувствуваат безбедни, односно додека пешачат на истата петека минуваат велосипедисти кои возат со голема брзина и може да дојде до несреќи.
Граѓанските здруженија, пак, сметаат дека на Водно не му требаат нови рекреативни содржини кои би го направиле туристички поатрактивно, бидејќи планината е место за прошетки на чист воздух.
„Водно не е пошумено да си играме со него. Не ми се допаѓа идејата да воведуваме содржини за да имаме повеќе туристи на Водно. Според презентацијата, не е точно одредено во кои делови ќе минуваат новите патеки и каде точно ќе ги изведете сите реквизити“, кажа Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.
„Зошто е потребно Водно да биде туристичка атракција? Колку дрвја ќе се исечат за да се реализираат овие содржини“, праша Југослава Дуковска од граѓанската организација „Спас за Водно“.
Марко Тодоров, раководител на секторот за локален економски развој на Град Скопје, одговори дека овие содржини се само предлог и дека при изведбата нема да има сеча на дрвја бидејќи содржините ќе бидат вклопени во природата.
„Оваа студија е еден вид рамка според која ние ќе се водиме. Степенот за заштита на Водно ќе ни каже кои содржини можат да изведат, а кои не. Целта не е загрозување на животната средина, туку да воведеме содржини поради кои подолго време ќе останеме на планината. Сите содржини ќе бидат вклопени меѓу дрвјата, а постојат услови без сеча на дрвја да се изведат патеки за велосипедисти“, рече Тодоров.