И НИЕ СМЕ МАЈКИ И ЖЕНИ, НЕ ТРЕБА ДА ВИ ПРЕЧИ ШТО РАБОТИМЕ, РЕКОА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ НА 12. МАРШ ПРОТИВ НАСИЛСТВО

    И НИЕ СМЕ МАЈКИ И ЖЕНИ, НЕ ТРЕБА ДА ВИ ПРЕЧИ ШТО РАБОТИМЕ, РЕКОА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ НА 12. МАРШ ПРОТИВ НАСИЛСТВОМаршот на црвените чадори денес се одржа по 12. пат на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „И јас сум човек, мајка и жена. Мое лично право на избор е што ќе работам и не треба никому да му пречи. Ние, сексуалните работници, ќе продолжиме да да се бориме сѐ додека не добиеме еднаков третман во општеството и се надеваме на поддршка од институциите“, рече денеска претставничка на Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-Стар“, која се претстави под името Моника.

    Додека говореше, таа ја симна маската и потоа го предводеше Маршот на црвените чадори, кој денес се одржа по 12. пат на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници. Маршот како и секоја година почна од улица Македонија кај Спомен-куќата на Мајка Тереза преку до Камениот мост сѐдо Плоштадот Филип Втори, каде скандираа: „Сексуалната работа е работа“ и „Сакаме права“.

    „Ние, сексуалните работници, ќе продолжиме да да се бориме сѐ додека не добиеме еднаков третман во општеството“, рекоа денес од граѓанската иницијатива „Стар-Стар“. (Фото: К. Попов)

    „Оваа година, кампањата по повод одбележувањето на 17 декември ја посветуваме на борбата против родово-базираното насилство. Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажуваат дека жените и трансродовите сексуални работници се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Голем е бројот на сексуални работници кои секојдневно трпат физичко и психичко насилство, но малкумина од нив се охрабрени истото да го пријават во полиција. Насилството, нападите, злоупотребувањата и нееднаквиот третман врз сексуалните работници мора да се елиминираат, а тоа ќе го постигнеме само ако сексуалните работници се третираат еднакво пред законите и се почитуваат нашите човекови права и слободниот избор“, велат од Граѓанската инцијатива.

    „Стар-Стар“ е невладина организација, која од 2012 активно работи на имплементација на програмата за ХИВ превенција помеѓу сексуалните работници, со поддршка на Министерството за здравство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира