Охриѓанецот Јонче Ристоски на 65 години и со два вградени стента лета со параглајдер. Tој е највозрасниот параглајдерист кој ја поминал обуката во скопскиот клуб „Вертиго”.
„Уште во времето на бившата држава гледав како од Охрид кон границата со Албанија летаат клипни авиони. Работев како машински техничар во овдешна фирма и немав многу време да се посветам на летањето. Меѓутоа, дојде време да го остварам својот сон со помош на врвниот инструктор Сашо Смилески од параглајдинг клубот ‘Вертиго‘”, вели Ристоски.
Тој се присети како дошол во контакт со него.
„Пред околу една година со моите внуци бевме на охридскиот брег каде што слетуваат параглајдеристите од ‘Вертиго‘. Тогаш го запознав Смилески и ми предложи да дојдам во нивниот клуб на обука. Не се мислев, прифатив. Лани ја почнав обуката и првиот лет ми беше на Скопска Црна Гора. Потоа следеа и други”, раскажува Ристоски.
Тој досега има 21 лет со параглајдер, од кои три се висински, долготрајни.
„Висинските летови ги направив кај Крушево. Тогаш летаа светски познати параглајдеристи. Стекнав богато искуство, кое многу ми значеше”.
Ристоски има и една анегдота.
„Кога го испробував параглајдерот на охридскиот брег, ми пријде еден човек од педесетина години и ми рече: ‘Дечко, каде можам да се обучам за лет со параглајдер?‘”.
Пофалби за Ристоски има и неговиот инструктор Сашо Смилески.
„Јонче е нашиот најстар ученик. Има чувство за летање, послушен е и добро учи. Продолжува и натаму да лета. Витален е и подготвен за летање”, вели Смилески.
Д. ЧУБРИЌ