„Сѐ што ни е заедничко“ е насловена изложбата која се отвора утревечер (20 часот) во Музејот на современа уметност (МСУ). Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова. Со уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 12 светски признаени автори и уметници од земјава, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Гугенхајм, МоМА Њујорк.
Ќе бидат претставени дела од Хито Штејерл (Германија), Тања Бругуера (Куба), Артур Жмијевски (Полска), Џулиета Аранда (Мексико), Адриан Паци (Албанија), Даниел Гарсиа Андухар (Шпанија), Сања Ивековиќ (Хрватска), колективот Что Делат (Русија), Антон Видокле (Русија и САД), како и македонските уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.
„Доволно е да се спомене името на германската уметница и теоретичарка Хито Штејерл, која според избор на магазинот ‘АртРивју’ е прогласена за највлијателна личност на светската уметничка сцена во 2017. Делата на Видокле се изложени во Центарот Помпиду, Тејт Музејот Гараж, Истанбулското биенале. Делата на Бругуера се во збирката на Гугенхајм, МоМА, Ван Абен Музејот, Тејт . Филмовите на Жмијевски се наоѓаат во збирките на Музејот на модерна уметност во Њујорк, Ноје Пинакотек во Минхен, Тејт во Лондон“, велат кураторките.
Во МСУ ќе биде поставено и делото „Субверзија во црвено“ на македонската уметница Прља, кое беше национален претставник на годинашното Венециското биенале на уметноста. Јовановиќ ќе се претстави со инсталацијата „Протестен споменик“.
„Лесна_Акумулација на капитал“ е наслов на истражувачки перформанс, кој уметницата Иваноска ќе го изведува во живо шест работни денови по осум часови во музејот.
Б. НЕСТОРОСКА