Изгоре куќата на Паунови, во старото градско јадро на Велес, кај Варналиите. Таа е една од петте на улица Јован Алабаков, кои се под заштита на државата и една од знаменитостите на Велес. Сопственикот на куќата Миле Паунов, за кој се сомнева дека бил во објектот, засега го нема, соседите стравуваат дека е во изгорената куќа. Од пожарот оштетена е и соседната куќа на Маневи, дел ја зафатил огнот дел од водата со која се гаснел. Соседите сведочеа дека пожарот избил околу 11 часот.
„Огнот пламна пред 11 навечер. Може и тлеел претходно, но не се забележуваше. Соседот Миле кој има околу осумдесет години се грееше на кварцна греалка. Имаше доста дрвенарија дома, од некогашната кафеана која ја имаа, столови, маси. Беше многу страшно кога пламна, оти тука се неколку куќи залепени, Така настрада и соседната на Маневи. Пламени јазици се креваа во височина, добро е што немаше ветер. Сите соседи бевме дојдени на помош. Но ништо не спасивме. Пожарникарите не можеа да пријдат од градбата која никна тука на плоштадот и го спречи приодот на возилата“, велат соседите.
Тие кажаа дека освен велешките пожарникари, интервенирале и екипи од Кавадарци и Скопје. Бидејќи куќата сѐ уште чади, не може да се почне со расчистување и не може да се потврди, дали Паунов е внатре во изгорениот објект. Велешката Итната помош ноќта интервенирала во неколку наврати.
„Пет минути по полноќ добивме повик за пожар кај Варналиите, на улица Јован Алабакот. Во четири случаи интервенирано е поради силна вознемиреност на соседите и во еден случај повреда на шака на пожарникар“, изјави д-р Лидија Проданова, портпарол на Итната помош.
Петте куќи на улица Јован Алабаков, меѓу нив и изгорената на Паунови и оштетената на Маневи се под заштита на државата со решение бр. 0418/1 од 21.01.1964, заведено под број ЦР 869. Уште во претходниот систем и држава, во еден момент им било понудено да им се откупат куќите, да им се доделат станови, на што се сопствениците се согласиле. Но вториот дел, откупот никако не се извршил. Пред неколку години, сопственикот Миле Паунов раскажа со какви проблеми се соочува за да ја заштити неговата куќа.
„Прашање е на ден кога ќе ја снема. Уште пред 20 години најавија реконструкција на куќите, набавив талпи, специјално од планина ми ги донесоа. Еве ги уште во дворот. Мина толку време ништо не се случи. Пред 12 години исто така фасадите ги средуваа, ама не ги сменија дрвените прозори. Тогаш го сменија кровот, ама само керамиди поставија, под нив нема ништо и водата се слева по куќите. Кога бевме моќни, можевме да ја обновиме, сега гледате во каква состојба е куќата. Заѕидав неколку од прозорите, од осумте кои беа во една соба, бидејќи ветерот влегува внатре“, кажа Паунов.
Пред седум и пол години, во Велес изгоре до темел куќата на Габерови во месноста Дворови, која беше со автентична велешка архитектура, заштитена од државата.
П. ПЕЧКОВ