Куќата на Паунови во старото градско јадро кај Варналиите во Велес изгоре, куќата на Маневи, која е лепенка до изгорената, е сериозно оштетена и некорисна, но уште една се наоѓа пред рушење. Тоа е куќата на Прнарови. Требаше да се случи саботниот пожар, за да алармираат соседите во каква состојба е куќата на Прнарови. Однадвор бела и средена, од задната страна се распаѓа. Паднати цигли, нарушена статика, ѕид речиси и да нема, конструкцијата попушта.
„Од пролетта е ваква состојбата. Нема кој да се грижи за куќата, која е заглавена во нерешени имотно-оставински постапки. Видовме дека нема кој да реагира и ги собравме паднатите цигли, нешто материјал поставивме за да може да се заштити и толку од нас. Ја повикуваме државата да преземе нешто, да не се случи уште една куќа од Варналиите да исчезне“, велат соседите.
Според раскажувањето на нејзиниот сопственик, додека беше жив, неговата куќа и соседската биле една, турска, беговска. Првиот дел, неговиот, бил за мажите, а вториот, сега на соседите, бил за жените. Кога Турците заминувале, ја продале на два дела и така потоа живееле две различни семејства. Сопствениците реагираат дека куќите се под заштита на државата, па не можат никаква активност да преземат.
„Бидејќи куќата е под заштита на државата, не можам шајка да ставам без дозвола. Двапати писмено се обратив до државата да ја откупат, но не одговорија. Така се обидувам сам со сопругата некако да ја одржувам. Државата досега само ги шминкаше однадвор куќите, но ништо не презеде да се сочуваат. Тоа е како некоја стара баба да се дотера во лице, ама не може здравјето да ѝ се даде“, вели Лазо Тренчев, сопственик на една од двете преостанати населени куќи кај Варналиите.
Петте куќи на улицата Јован Алабакот во Велес се под заштита на државата, прогласени во јануари 1964 година.
П. ПЕЧКОВ