Апелациониот суд Скопје ги укина пресудите за предметот „Титаник 2“ против Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими и тројца поранешни членови на Државната изборна комисија од ВМРО-ДПМНЕ, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Според нашите информации, пресудите биле укинати и предметот е вратен на повторно судење по насоки на Апелациониот суд поради суштествени повреди на постапката од страна на Основниот кривичен суд. Овој судски процес го водеше судијата Огнен Ставрев, а во судечкиот совет беше и судијата Осман Шабани.
Според соопштението Апелациониот суд објавено подоцна, Апелациониот суд констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна. Во таа насока, велат од Апелациониот суд, жалбениот совет констатираше дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.
На 8 март, Кривичниот суд неправосилно го осуди поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на три години затвор, а лидерот на ДПА Мендух Тачи на 3 години и 2 месеца во предметот. Бедредин Ибраими доби казна затвор од 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски 3 години, Сашо Срцев доби 3 години и Елизабета Стефановска, исто така, 3 години затвор.
Тачи, Ибраими, Сајковски, Срцев и Стефановска се осудени за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Тачи дополнително и за поттикнување.
Мијалков е осуден за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело што им се става на товар на луѓе на моќни функции, во случајов како тогашен директор на УБК, кои замолуваат или наредуваат на други функционери и лица за да сторат кривично дело.
Според обвинението на СЈО, односно пресудата што ја изрече судијата Огнен Ставрев, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА