Премиерот Зоран Заев го презентираше Законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите и трошоците, со кој се бришат каматите на сите предмети дадени на извршување од страна на јавните и државните претпријатија. Како што кажа Заев на прес-конференција во Владата, доверителите се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг. Тој се надева дека и приватните доверители, како ЕВН, Телеком и други, на доброволна основа ќе се солидаризираат со граѓаните, бидејќи и самите знаат дека таквите долгови се тешко наплатливи.
Според предложеното законско решение, кое според Заев брзо ќе биде усвоено во Собранието, долговите до 10.000 денари ќе се исплаќаат на 6 месечни рати, од 10-60.000 на 12 рати, од 60-120.000 денари на 24 рати, од 120-240.000 на 36 рати и над 240.000 денари на 48 рати.
Заев најави и измени на Законот за извршување, според кои на примателите на плати под просечната плата и на пензии под просечната пензија ќе им се наплаќа до една петина од примањата за извршување долгови.