Свежиот прочистен воздух доведе до тоа само стотина луѓе да излезат на денешниот марш за чист воздух во Скопје, драстично помалку во споредба со претходните два, кога имаше илјадници присутни. Токму затоа, говорниците пред Владата ги предупредија сите оние кои останаа дома да не се залажуваат.
„На оние кои велат дека ова нема смисла, сакам да им порачам дека не треба да се коцкаме со нашето здравје, зашто тука живееме и само можеме да се надеваме дека нема да фатиме некоја болест“, кажа еден од говорниците.
Како и претходно, протестот го предводеа млади, кои порачаа дека власта мора постојано да се притиска за ова прашање.
„Доколку бројките за ПМ честичките од 2019 продолжат и понатаму, скопјани губат 2,5 години од својот живот. И затоа мора да продолжиме да го изразуваме нашето незадоволство и да ги користиме сите демократски процеси што ги имаме. Ќе дојде пролет, можеби ќе се исчисти воздухот, но ова ќе се повтори повторно и повторно“, кажа Горјан Јовановски од здружението „Мој воздух“.
Г. КОНЕВ