Поранешниот директор на Нисан Карлос Гон избега во Либан од Јапонија, каде што го чекаше судење за финансиски криминал. Во соопштение, Гон кажа дека не избегал од правдата, туку од политички прогон.
Засега е нејасно како тој успеал да избега, бидејќи мерките на претпазливост вклучуваа 24-часовен надзор на влезната врата во неговиот апартман, а пасошите му беа одземени. Има забрана да контактира со сопругата и да го напушта апартманот во Токио без специјална дозвола од судот.
65-годишниот Гон, кој беше една од најмоќните личности во автомобилскиот бизнис, е роден во Бразил, но неговите родители имаат либанско потекло и тој израсна во Бејрут, пред да оди да студира во Франција. Има француски, бразилски и либански пасош.
Гон беше уапсен во ноември 2018 година и помина повеќе од три месеци во притвор, но негира каква било вина. Судењето требаше да почне во 2020 година. Јапонија и Либан немаат договор за екстрадиција.