Шведскиот репрезентативец со македонско потекло Дејан Кулушевски потпиша за Јувентус во трансферот вреден 35 милиони евра.
Деветнаесетгодишниот играч од среден ред го одигра досегашниот дел од сезоната за Парма, и тоа како отстапен играч од Аталанта и притоа постигна четири гола на 16 средби.
Тој потпиша четири и полгодишен договор со италијанскиот првак, вреден четири милиони евра по сезона. Постои можност Кулушевски да ја доигра сезоната во дресот на Парма.
Кулушевски е роден во Стокхолм на 25 април 2000 година и пред да се пресели во Италија летоска, настапуваше за шведскиот прволигаш Бромапојкарна. Тој има настапи за репрезентацијата на Македонија за играчи до 17 години, а потоа почна да игра за шведскиот национален тим и оваа година дебитираше и за најдобрата селекција, на квалификацискиот натпревар со Фарски Острови.