ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи Наќе Чулев од Агенцијата за разузнавање како нов предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада, соопшти партијата.
Според неговата биографија, доставена од партијата, Чулев е професионалец кој работи во Агенцијата за разузнавање, а по вокација е дипломиран криминалист со постдипломски студии по мир и развој. Тој работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Чулев е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР. Од 2013 до 2017 година бил директор на Агенцијата за разузнавање, а од 2017 до 2019 година генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Во 2017 година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители. Има 47 години, а роден е во Кавадарци.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи го предложи полковникот во АРМ Драган Ковачки, но Уставот забранува активно воено лице да го предводи ресорот.
Кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада, која треба да биде избрана утре, се уште Рашела Мизрахи за министерка за труд и социјала, Цветан Трипуновски за заменик министер за земјоделие, Гордана Димитриеска Кочоска за заменичка министерка за финансии и Невенка Стаменковска Стојковски за заменичка министерка за информатичко општество и администрација.
Кандидат за технички премиер на предлог на власта е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.