Австрија ќе го зголеми данокот на авионските карти и ќе ја прошири забраната за носење шамии во училишта, како дел од коалицискиот договор што го постигнаа конзервативната Народна партија и Партија на зелените.
„Го споивме најдоброто од двата света. Ова им овозможува на двете партии да ги исполнат своите предизборни ветувања“, изјави лидерот на Народната партија и иден канцелар Себастијан Курц.
Според договорот, на девојчиња до 14 години ќе им биде забрането да носат муслимански шамии во училиште, со што возрасната граница ќе се зголеми за четири години. Исто така, ќе се обнови планот за привремено притворање на потенцијално опасни баратели на азил, дури и доколку тие поединци не сториле никаков криминал. Во почетокот на годината, владата на Курц предложи баратели на азил кои претставуваат ризик за државата да се притвораат без судска одлука, за што е потребно да се измени уставот.
Во исто време, двете партии се согласија да работат на поеколошки даночен систем, па авионските карти ќе се оданочуваат со 12 евра, а јавниот превоз ќе се направи поевтин со воведување на дневни карти од три евра. До 2030 година, Австрија планира целосно да добива струја од обновливи извори.