Холивудската сезона на награди почнува вечерва, со 77. доделување на Златните глобуси, наградите за најдобрите во филмот и телевизијата, кои се предвесник на престижните Оскари. Медиумите издвојуваат неколку клучни моменти пред вечерашната свеченост во Беверли Хилс, Калифорнија.
„Брачна приказна“ ја предводи листата со шест номинации, вклучувајќи ги и оние за главните актери Скарлет Јохансон и Адам Драјвер, а филмот ќе се бори и за титулата најдобра драма, заедно со „1917“, „Џокер“, „Двајцата папи“ и „Ирецот“.
Има само малку филмски светови кои му останаа на холивудскиот ветеран Мартин Скорсезе да ги освои, но на Глобусите вечерва може да постигне нов рекорд. Тој по четврти пат може да ја добие наградата за најдобар режисер, за неговата гангстерска драма „Ирецот“. Изминативе години доби Глобус за „Бандите од Њујорк“ (2003), „Двојна игра“ (2007) и „Иго“ во 2012. Досега единствен режисeр со четири Глобуси е легендарниот Елија Казан.
И покрај #TimesUp движењето против сексуално вознемирување, жените се сѐ уште занемарени. Филмаџиите сѐ уште ја паметат славната најава на актерката Натали Портман во 2018, кога претставувајќи ја категоријата за најдобар режисер, таа рече: „Ова се сите машки номинирани режисери“. Засега Барбра Стрејсенд останува единствената жена која ја добила оваа награда, за „Јентл“ во 1984. Но, и годинава Асоцијацијата на странски новинари во Холивуд номинираше само мажи во оваа категорија, како што пишуваат медиумите, игнорирајќи ги позитивните реакции за „Мали жени“ на Грета Гервиг.
Иако ништо не може со сигурност да се тврди за непредвидливите Глобуси, Оквафина е најголем фаворит да ја освои наградата за најдобра актерка во комедија за „Збогување“ и со тоа да стане прва Азијка која добила награда во оваа категорија.
Иако рекордер во освоени Еми награди, ТВ-серијата „Игра на тронови“ на Златните глобуси доби само една номинација, и тоа за Кит Харингтон за актер во главна улога.
Со по четири номинации за најдобар филм и најдобра серија, односно со вкупно 34 номинации, стриминг гигантот „Нетфликс“ би можел да биде голем победник на 77. Златни глобуси.