САД се подготвени да почнат сериозни преговори со Иран, без поставување предуслови, по последната ескалација во меѓусебните односи.
Во писмото испратено до Обединетите нации, САД се правдаат дека убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани бил чин на самоодбрана. Иран на тоа одговори со ракетирање на две американски воени бази во Ирак, без да предизвика жртви, што исто така беше опишано како самоодбрана.
Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хаменеи кажа дека бомбардирањето на базите била шлаканица за САД и повика да се стави крај на американското присуство во регионот.
Иако Иран се закани со жестока одмазда за убиството на Солејмани, потпретседателот на САД Мајк Пенс вели дека Техеран побарал од своите милиции да не напаѓаат американски цели.
„САД се подготвени да преговараат со цел да се спречи натамошно загрозување на светскиот мир. Ако биде потребно, САД ќе преземат дополнителни мерки на Блискиот Исток за да ги заштитат своите луѓе и интереси“, стои во писмото потпишано од американската амбасадорка во ОН, Кели Крафт.
Иранскиот амбасадор Маџид Тахт Раванчи смета дека понудата на САД е неверојатна додека во исто време се закануваат со нови санкции кон Иран. Во септември, ајатолахот Хаменеи кажа дека Иран никогаш не би прифатил билатерални преговори со САД.