На просторот меѓу бараките на Општина Центар и Генералштаб, ќе се прави монтажен паркинг. Овој дел и сега се користи како див паркинг за вработените во Министерството за одбрана, но за да се обезбедат нови и повеќе паркинг места за жителите на Центар, ќе се изведе монтажен паркинг, како оној во населбата Капиштец и зад ТЦ „Буњаковец“.
„Екипи на терен веќе го мерат просторот и многу брзо ќе се почне со градежни работи. Ќе се обезбедат нови 327 паркинг места, а ќе биде готов најдоцна до летово“, вели Васко Кичевски директор на ЈП “Паркинзи Општина Центар“.
Општина Центар уште лани во февруари најави дека ќе се реконструира улицата Орце Николов со што ќе се ослободуваат тротоарите од паркираните автомобили. Со тоа ќе се намали бројот на паркинг места, а градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели со овој паркинг ќе се компензираат паркинг местата кои ќе се изгубат со ослободување на тротоарите на улицата Орце Николов.
„Проектот не е заборавен, но беше потребно време да се добие одобрение од сите институции, да се направи нов Регулациски план и да се стави на увид на граѓаните. За кратко време ќе биде распишан тендерот за изведувач и пролетва очекувам да стартуваат градежните работи“, вели Богдановиќ.
Тој додава дека после реконструкцијата на улицата Орце Николов паркирањето и во овој дел ќе го наплатува ЈП „Паркинзи Општина Центар“ наместо градското претпријатие за паркирање „Градски паркинг“.
А. АНТЕВСКА