Македонскиот документарен филм „Медена земја“на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја доби наградата за најдобар документарец која ја доделува најпрестижното американско здружение на критичари, Друштвото на филмски критичари во Њујорк. Членови на најстарото здружение од овој тип, кое годинава по 85. ги додели наградите, се критичарите од влијателните медиуми како „Њујорк тајмс“, „Њујоркер“, „Индиваер“, „Ролинг стоун’, „Вараети“, „Венити фер“ и „Арт форум“.
Од продукцијата на „Медена земја“, велат дека на гала вечерта во Њујорк, Котевска и Стефанов ја делеле бината со филмски легенди како Квентин Тарантино, Бред Пит, Мартин Скорсезе, Роберт де Ниро, Џо Пеши, Алек Болдвин, Стив Бушеми, Спајк Ли, Антонио Бандерас, Риз Витерспун и Лора Дерн.
Режисерот Стефанов во говорот се заблагодарил на Друштвото и ја поздравил легендарната Ејми Таубин, 80-годишната екстремно влијателна критичарка, која пишува од времето на Енди Ворхол. Таа е автор на една од најубавите рецензии за „Медена земја“ која беше објавена во „Артфорум“.
„Котевска пак, потсети колку се чини нереално да се добие ова признание и да се биде меѓу сите славни имиња после четири години поминати во шатори во Бекирлија. Таа рече и дека после сето ова тимот на филмот повторно би влегол во иста таква авантура и им порача на колегите документаристи да го сторат истото бидејќи играниот филм секогаш ќе добива инспирација од документаризмот“, велат од тимот на филмот.
Изминатиов период, филмот ја доби наградата за најдобар документарец на Националното друштво на филмски критичари, кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата Филмско око за исклучителни достигнувања во кинематографијата, а Котевска и Стефанов се номинирани за најдобра режија од Друштвото на режисери во Америка (ДГА).
Пред објавувањето на номинациите за Оскар на 13 јануари во Лос Анџелес, „Медена земја“ од денеска, па до 15 јануари повторно ќе се прикажува во скопското кино Милениум. Проекцијата е од 20 часот, а билетот чини 150 денари.
„Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории, за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Филмот од 13 до 18 јануари ќе игра и во Кинотеката, со по две проекции на ден, од 18 и од 20 часот. Влезницата чини 100 денари.
Б. НЕСТОРОСКА