Мечето Теди, кое три години живее во кафез од два метра квадратни во Штип, ќе замине во резерват во Швајцарија или во Бугарија. Активистката за заштита на животни и портпаролка на скопската Зоолошка градина Тина Мицковска успеа да го спаси Теди од лошите услови во кои сега живее и тој наскоро ќе замине на ресоцијализација во резерват.
Поради лошите услови за живот во Зоо паркот во Штип, мечето е анксиозно, со повреди на шепите од тесниот кафез со жици и добива тикови. Кога дознала за вкавата состојба на Теди, Мицковска веднаш почнала со акција за спас на мечето.
„Теди е донесен како бебе од доктор Јовица Угриновски кој го спасил, но му било ветено од тогашната локална власт дека ќе добие живеалиште. Докторот сите овие години донира месечно храна за Теди. Апелите за помош за мечето ги видов на Фејсбук летото и решив да ги земам работите во свои раце. Со месеци контактирав со организации да го преземат и да му помогнат. Голготата траеше поради тоа што во Македонија немаме резерват за мечки, а и поради тоа што одредени лица се противеа да го однесам Теди надвор од државата во подобар живот. Алармирав секаде и успеав да стапам во контакт со најдобрата светска организација за заштита на животните ‘Четири шепи‘, кои дојдоа во земјава, го сликаа Теди и заедно со фондацијата ‘Брижит Бардо‘ прифатија да ја преземат грижата за Теди“, вели Мицковска.
Кон крајот на месецов, претставници од фондацијата „Брижит Бардо“ и организацијата „Четири шепи“ заедно со ветеринари за диви животни ќе дојдат во Штип да го прегледаат Теди. Мицковска сега забрзано работи на собирање на сите потребни документи за Теди да може да ја напушти земјава.
„Ќе оди во Паркот на танцувачките мечки во Белица, Бугарија или во резерват во Швајцарија. И на двете места ќе добие соодветна грижа, ќе се ресоцијализира и ќе се води грижа за неговата психичка состојба“, додава Мицковска.
А. АНТЕВСКА