Ангела Меркел и Владимир Путин се согласија дека нуклеарниот договор со Иран мора да се зачува по секоја цена зашто е од неверојатно значење.
Германската канцеларка дојде во првата посета на Кремљ од мај 2018 година и новата ескалација на кризата на Блискиот Исток беше главната тема на разговорите со Путин.
„Мора да се стори сѐ за да се одржи нуклеарниот договор од 2015 година и за тоа треба да се искористат сите можни дипломатски алатки“, кажа Меркел.
Иако САД ги повикаа европските земји да излезат од договорот, опишувајќи го како глупав, Берлин и Париз кажаа дека нема да го направат тоа, дури и откако Иран се закани дека по убиството на генералот Солејмани веќе ништо не го спречува да развива нуклеарно оружје.
„Овој договор е исклучително важен и ние денеска се согласивме дека сите страни треба цврсто да се придржуваат до него. Иако САД се повлекоа од договорот, Иран повторно изрази подготвност целосно да го почитува“, изјави Путин.