Шест приградски населби во Куманово веќе седум години се со недефиниран статус, бидејќи не се села, а не можат да бидат ни градски населби затоа што ги нема во Генералниот урбанистички план (ГУП). Граѓаните на Карпош, Пуковско, Ајдучка Чешма, дел од Доброшане, Бабин Дол и Железничка станица поради тоа трпат големи последици.
Седум години Општина Куманово нема издадено ниту една дозвола или решение за градба во приградските населби затоа што немаат детални урбанистички планови (ДУП). Граѓаните се жалат дека откако во 2013 со закон била укинати постоечката урбанистичка документација и им го одзеле статусот селска населба, тие уште чекаат да бидат дел од градскиот градежен реон и да добијат право за легална градба. Соочени со ваквиот проблем, жителите на Карпош, Пуковско, Ајдучка Чешма, дел од Доброшане, Бабин Дол и Железничка станица се приморани да градат дивоградби ако сакаат да го решат станбеното прашање.
„Имам свое земјиште и сакам да градам куќа на синот, но од Општината ми велат дека нема урбанистички план за нашата населба. Треба да чекам да се донесе нов, па дури тогаш. Ова трае со години, ако веќе не сме село нека ни ги обезбедат правата кои ги имаат останатите граѓани. Вака ни на небо ни на земја, нè тераат да го кршиме законот и да градиме дивоградби, наместо да платиме и да си немаме проблеми со државата“, вели Горан М. од населбата Карпош.
„Реално, луѓето имаат потреба да изградат нови куќи, да доѕидаат гаража, шупа, ограда, но затоа што не можат да добијат легално одобрение од Општината, се одлучуваат да градат без дозвола. Овие граѓани имаат проблеми и со подигање на оградите. На луѓето им се отворени дворните места и сакаат да се заштитат од кучиња, од крадци, едноставно сакаат да си го уредат просторот околу куќите, а не им даваат решение за градба. Барем да донесат една одлука на Совет со која ќе ги дефинираат и уредат овие работи, – велат стручни лица запознаени со оваа проблематика.
Од Секторот за урбанизам во Општина Куманово објаснуваат дека до 2013 на граѓаните им се издавале одобренија за градба, но проблемот настанал кога со одлука на Влада биле укинати сите урбанистички планови за селата и за поголемите населени места. Тогаш, Општината добила задолжение да изработи нови планови и тоа го сторила за речиси сите села, но не и за приградските населби, бидејќи тие останале со недефиниран статус. Според Законот за територијална поделба, тие повеќе не се воделе како селски населби и биле префрлени во катастраската Општина Куманово, но ги немало во Генералниот урбанистички план на градот.
„Тоа се таканаречените сателитски населби, тие со новата територијалната поделба го изгубија статусот на село и поради тоа за нив не можеме да правиме планска документација, а по постоечкиот ГУП не се ни град и не можеме да им изработиме детален план, затоа тие остануваат така да лебдат. Нема во законот рамка за просторно планирање и изработка на ДУП за населба. И нема основ по кој можат да добијат документација за градба. Кога ќе се изработи новиот ГУП на Куманово, тогаш ќе се прошири градежниот опфат на градот и ќе се реши нивниот проблем, велат урбанистите од Општината.
Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека веќе се работи на решавање на проблемот, бидејќи е почната постапка за изработка на новиот Генерален урбанистики план за Куманово, иако во самите населби постои поделеност кај граѓаните дали сакаат да бидат село или да станат составен дел на градот, бидејќи тоа подразбира поинакви услови на живеење и поголеми јавни и комунални давачки кон Општината. Новиот ГУП е ставен во годишната програма на Општината, а и Владата донела одлука за негово финансирање, но реализацијата ќе трае неколку години бидејќи треба го дефинира целокупниот развој и инфраструктурата во градот.
„Јавното претпријатие ‘Куманово план’ оваа година треба да излезе со нацрт-решение за новиот ГУП, бидејќи на Куманово му е потребно да се шири како град. По носење на генералниот план ќе се создадат услови за носење на нови детални урбанистички планови, коишто ќе го дефинираат и тој плански опфат. До тогаш, за жал, ќе останеме на мртва точка и нема да може да се гради во овие реони, освен со парцијални измени или носење на урбанистички планови вон населено место, а за такво нешто треба самите граѓани да поднесуваат иницијативи“, вели градоначалникот Димитриевски.
Тој признава дека Општината изгубила сериозни финансиски средства поради ваквата состојба која го кочи развојот на градот, но вели дека тоа е наследена појава и резултат на неконтинуирано носење на урбанистичките планови во градот.
„Последниот Генерален урбанистички план е донесен од 1995 до 2000 година и имаме испуштено голем временски период. Причината е поради тоа што постапката е многу скапа и чини повеќе од 500 илјади евра. Јас мислам дека треба да направиме квалитетен ГУП во кој треба да се вцртаат сите потреби на граѓаните и нови зелени површини за имаме заштитен појас во градот“, додава Димитриевски.
Во населбите Карпош, Пуковско, Ајдучка Чешма, дел од Доброшане, Бабин Дол и Железничка станица, живеат околу 30 илјади луѓе или третина од населението во Општина Куманово. Овие населби самоиницијативно и преку самопридонес ги решиле најголемите инфраструктирни проблеми, како приклучок на вода и канализација, изградба на патишта и дел на улиците. Освен основни училишта, друга инфраструктура немаат. Затоа, граѓаните бараат под итно да се најде решение на проблемот и да го потикне развојот на овие населени места коишто се наоѓаат од 2 до 5 километри од центарот на Куманово. Со немањето на урбанистичките планови се стимулира иселувањето, бидејќи луѓето кои не можат да добијат дозвола за градба во своите населби принудени се своето станбено прашање да го решаваат во градот.
Куманово е една од општините со голем број дивоградби и за легализација се поднесенини над 22.000 барања. Покрај наведените населби, тука спаѓаат и дивоизградени објекти во градежниот реон зад Градскиот стадион, Средорек, Бавчи и дел од Тоде Мендол. Половината од нив се решени, а останатите се во постапка. Меѓу нив се и дивоградбите во приградските населби од 2013, кои не по своја вина се нашле во незавидна положба.
С. НИКОЛИЌ