На помалку од два месеца пред избори, Подрачното одделение на Државната изборна комисија во Битола остана без вработени. Единицата се соочува со недостиг на персонал откако уште лани се пензионираа последните двајца вработени. Претседателот на ДИК Оливер Дерковски за битолската „Тера“ изјави дека покрената е постапка за пополнување на испразнетите работни места и се надеваат дека проблемот ќе се реши на време.
„Точно е минатата година се пензионираа двајцата вработени во подрачната единица на ДИК во Битола. Ние како комисија покренуваме постапка за добивање на согласност за вработување на нови луѓе и се надевам дека ќе завршиме на време. Ако не ја завршиме како ДИК имаме право согласно Изборниот законик да ангажираме дополнителен број на луѓе потребни за да се одработат изборите. Нема некој посериозен проблем, но добро би било да си обезбедиме нормални вработувања во подрачното одделение“, рече Дерковски за „Тера“.
Пензионирања има и во подрачните единици на ДИК во Крива Паланка, Делчево, Радовиш и Виница.
Во Битола се пензионираше и претседателот на Општинската изборна комисија, Ѓуро Илиќ. Тој вели дека за да се извршува оваа функција треба да се има статус на државен службеник, но сѐ уште нема сознанија како ќе се постапи во случајот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА