РИМИНИ СО ТОРТА ОД ДВА МЕТРА И ИЗЛОЖБА ГО ПОЧНА СЛАВЕЊЕТО НА 100-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА ФЕЛИНИ

    РИМИНИ СО ТОРТА ОД ДВА МЕТРА И ИЗЛОЖБА ГО ПОЧНА СЛАВЕЊЕТО НА 100-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА ФЕЛИНИГрадот ќе го одбележи јубилејот со специјална изложба и музеј посветен на Фелини, кој почина во 1993. Вчера, на роденденот, на централниот плоштад се служеа парчиња од двометарската торта. (Фото: АФП)

    Римини, родниот град на славниот италијански режисер Федерико Фелини, почна со одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Голем број на настани ќе се одржуваат во Италија и во други земји низ светот,  во чест на еден од највлијателните филмски автори на сите времиња.

    Фелини, кој има добиено рекордни четири Оскари за најдобар странски филм, е познат по тоа дека филмовите ги снимал во Рим, како „Сладок живот“ (1960) и во студиото Чинечита надвор од градот. Негови најпознати филмови се и „Улица“, Ноќите на Кабирија“, „Џулиета и духовите“, „Сатирикон“ и „Казанова“. Во 1973 го сними ремек-делото „Амаркорд“, полуавтобиографска комедија за момче тинејџер кое расте во фашистичка Италија во 1930-те, во Римини покрај Јадранското Море, каде е роден на 20 јануари 1920.

    Фелини важи за еден од највлијателните филмски автори на сите времиња. (Фото: АФП)

    Вчера, на централниот плоштад се служеа парчиња од двометарската торта направена за роденденот од славниот слаткар Роберто Риналдини и се отвори специјална изложба. До крајот на годинава ќе се отвори музеј посветен на Фелини, кој почина во 1993.

    „Римини е насекаде во филмовите на Фелини, природата во филмовите на Фелини е природата на Римини, морето во филмовите е морето на Римини“, изјави Марко Леонети од Кинотеката на градот, кој ја подготви изложбата.

    Изложбата насловена „Фелини 100. Бесмртен гениј“ во Римини ќе трае до март. (Фото: АФП)

    Поставката ги содржи некои од најпознатите костими од неговите филмoви, како и еротски извадоци од неговата книга со скици која ја направил за психијаторот во период од 30 години.

    Изложбата насловена „Фелини 100. Бесмртен гениј“ во Римини ќе трае до март, а потоа ќе патува за Рим, Лос Анџелес, Москва и Берлин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира