ГРУЕВСКИ НЕ МОРАЛ ДА СЕ КРИЕ ВО ГЕПЕК ЗА ДА НЕ ГО ВИДИ ПОЛИЦИЈАТА, УЛИЦАТА ОД ГАРАЖАТА БИЛА МНОГУ ТЕМНА

    Две истраги ќе има за бегството на осудениот и осомничен за повеќе криминални дела Никола Груевски, едната која уште е отворена во обвинителството за организиран криминал и корупција и втора, што ја најави неговиот наследник, Христијан Мицкоски, ако победи ВМРО-ДПМНЕ во април.

    Мицкоски, кој се сретна во Будимпешта со премиерот на Унгарија Виктор Орбан, со чие дипломатско возило Груевски ја напушти Албанија и преку Црна Гора и Србија избега таму, не кажа дали Орбан му објаснил во подробности како му помогнал на Груевски да стигне до Унгарија и унгарските власти да му дадат азил. Но, ветува истрага за бегството на почесниот претседател на партијата.

    Обвинителството за организиран криминал уште ја нема затворено истрагата за бегството, а секојдневните прозивки за тоа како им избега Груевски на МВР, СЈО и на Кривичниот суд, не престануваат.

    Кога се мислеше дека албанските власти ќе помогнат во откривањето како избегал Груевски против кого немаше распишано потерница, но за да се утврди кој го пуштил од нашите граници да ја напушти државата без пасош и со упатен акт за в затвор, албанските власти се поиграа со Обвинителството.

    „Првин колегите од Албанија ни рекоа повелете да го преснимите материјалот од двата гранични премина за тие пет-шест дена до 13 ноември 2018 година, кога Груевски на Фејсбук напиша дека се наоѓа во Будимпешта. Истражителите од овде заминаа за Тирана со празни компакт дискови. Се вратија со празни цедеа. Кога стигнале таму им било кажано: ’Извинете, компјутерот сам ги избриша снимките‘. Ова фрли сомнеж за улогата на граничната полиција на Република Албанија во бегството на осудениот Груевски. Не може да каже дека не ѝ функционира граничната контрола, а ниту дека на Ќафасан или Дебар некој го презел Груевски и му овозможил да стаса до амбасадата на Унгарија во Тирана. Најлесно е: ’Компјутерот ги избриша снимките‘. Така ќе се откриеше и кој од нашата страна и на кој граничен премин го пуштил Груевски да избега“, велат соговорниците.

    Потоа на снимките од црногорските власти се гледа унгарското возило со дипломатски таблички од Албанија влегува и излегува од Црна Гора.

    Но, ниту МНР реагираше, а ЕУ се огради дека азилот е интерно прашање на земјите членки.

    Цело време околу зградата на „Бихаќка“, каде што Груевски има неколку стана и живееше со семејството, имало полициски алфи. Но, од подземните гаражи во зградата улицата воопшто не била осветлена. Оттаму, велат извори за САКАМДАКАЖАМ.МК од Обвинителството, на снимките од видеокамерите се гледа како влегуваат и излегуваат возила, но не може да се види кој има внатре во колите. Така што, велат истите извори, осуденото лице можело да ги напушти гаражите во гепек, но и како возач или патник, а притоа да не го забележат поради слабата видливост ни полициските алфи, а ни да го „фатат“ камерите.

    По 8 ноември 2018 година, кога последен пат Груевски беше виден во јавноста и кога почна судскиот курир безуспешно да го бара за да му ја врачи поканата за во затворот во Шутка, тој изгубил контакт со неговото лично обезбедување од МВР. Тие кажале на претпоставените дека поранешниот премиер, кој обично ги повикувал кога го напуштал домот, неколку дена не им се јавил. Но, според информациите од истрагата, ништо не било преземено во врска со ова, бидејќи се случувало експремиерот и по неколку дена да не излегува од зградата.

     

    Курирот продолжил да го бара да му ја врачи поканата, но не го наоѓал дома. Дури тогаш полицијата му тропна на вратата, но излезе сопругата Боркица и кажа дека мажот ѝ – го нема.

    Во јуни минатата година, Заев за германскиот весник ФАЦ тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.

    „Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, кажа тогаш премиерот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира